Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека меѓу неговите колеги во парламентот има осуден за силување, кој ја одлежал казната, ама не открива за кого станува збор
Лица кои се сторители на родово базирано насилство да не можат да бидат кандидати за пратеници, градоначалници, министри … и за други високи полтички функции, предложи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, во рамки на денешната собраниска расправа за новиот закон за спречување насилство врз жените и семејно насилство.
Тој рече дека дава поддршка за новата регулатива, ама ги повика Клубот на пратенички во Собранието и Министерството за труд и социјална политика да предложат измени на Изборниот законик и на Законот за Владата, така што ќе се овозможи некој кој е сторител на родово базирано насилство да биде избран на функција.
Според Милошоски, МТСП, освен регистар на жртвите на родово базирано насилство, треба да има регистар и за насилниците. На таков начин, како што рече, нема да се повторуваат ситуации како во актуелниот собраниски состав, каде што, како што тврди, има пратеник кој бил осуден за силување и ја одлежал казната. Тој не кажа за кого станува збор, ниту од која група е пратеникот.
„Ова го кажувам затоа што, за жал, меѓу нас во Собранието имаме колега пратеник кој силувал жена, а сепак, е на висока функција. Името нема да го споменувам за да не будам лоши сеќавања кај жртвата. Ама затоа апелирам, особено до пратеничките, да побараат законски измени за во иднина да се оневозможи сторители на ваков и слични деликти да бидат избрани или именувани на функција“ ,
рече Милошоски.
Пратениците попладнево дебатираа за дополнетиот pредлог-закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, во второ читање. Гласањето за законот ќе биде дополнително закажано.
Целта на законското решение, како што се посочува, е превенција и спречување на родово базирано насилство врз жените и семејното насилство, ефективна заштита на жртвите со почитување на основните човекови слободи и права.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска нагласи дека ова законско решение е надпартиско, без политичка позадина и обединувачко бидејќи, како што рече, сите се соочуваме со насилството врз жени и семејното насилство како многу негативна општествена појава.
Информира дека од јануари до септември 2020 година во земјава се случиле вкупно 1 168 насилства. Вкупно 506 од жртвите биле вработени, а 544 невработени. Сведоци или жртви на насилството се 50 малолетни девојчиња и 52 малолетни момчиња, најчесто со нивните мајки во домовите.
Министерката потенцира дека е важно да се пријавува насилството и оти ова законско решение треба да не поттикне сите гласно да ја подигаме јавната свест за насилството. Информира дека изречени се 836 мерки во изминатиот период за овие насилници. Според неа, оваа појава треба да не прави будни, организирани преку една мултисекторска соработка на сите алки што го сочинуваат синџирот за борба против насилството.
Шахпаска го образложува законот и посочи дека првпат се воведува дека мора да се постапува со должно внимание. Односно сите субјекти, доколку се сведоци на направено насилство или имаат индиции должни се да го пријават, во спротивно за тоа следат санкции и жртвата може да ги пријави на суд.