Врховната судијка ги товари К.З., Г.С. и В.Д. за злоупотреба на службената положба и овластување. Неделкова за „360 степени“ вели дека судиите не се „глинени гулаби“ и дека можеби некому му пречи нејзината актуелна кандидатура за претседател на Врховниот суд
Од Судскиот совет одговараат дека ќе продолжат со враќање на довербата на граѓаните во правосудството
Поранешната претседателка и актуелна судијка во Врховниот суд, Лидија Неделкова, поднела кривична пријава против тројца членови на Судскиот совет. Пред Основното јавно обвинителство-Скопје ги товари за злоупотреба на службената положба бидејќи, според неа, ја искористиле положбата за да влијаат на постапката што се води против неа по поднесена претставка од сега веќе разрешениот судија Јово Вангеловски. Поточно, пријавените како членови на Судскиот совет не го прифатиле првичниот предлог на комисијата, постапката против Неделкова да се запре, и влијаеле одлуката да се преиначи во предлог за нејзино разрешување, спротивно на закон.
Кривичната пријава коинцидира со постапката за избор на претседател на Врховниот суд, каде што Неделкова е кандидат, и неодамнешното разрешување на двајца судии.
Кој, зошто, како
Според образложението на кривичната пријава на Лидија Неделкова, на 1 април 2019 година тогашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, поднел барање за поведување постапка за утврдување одговорност на Неделкова како судија во Врховниот суд. Неофицијално, основи на барањето се областа на работен однос, а не (не)постапување по конкретни предмети.

На 31 август, или речиси година и половина подоцна, се одржала расправа пред комисија на Судскиот совет за предметот. Како што се наведува во кривичната пријава, меѓу тројцата членови на комисијата бил и членот и поранешен претседател на Судскиот совет, Зоран Караџовски, а на седницата не присуствувал наследникот на Вангеловски, актуелниот в.д. претседател Фаик Арслани. Комисијата донела предлог-одлука да се запре постапката против Неделкова.
Но, кога предлог-одлуката стигнала на седница на Судскиот совет, таа не била прифатена.
„Членовите на Судскиот совет… наместо да го уважат, како што е досегашната пракса на постапување по ваквите предлози, без да дадат соодветни напатствија, го вратија предметот на доработка и покрај тоа што знаеле дека немаат доволен број гласови за одлука за враќање на предметот, затоа што им биле потребни осум односно седум гласови, согласно одредбите на член 8 и член 60-д од Законот за измени и дополнување на Законот за Судскиот совет на РМ (‘Сл. весник на РМ’ бр. 197 од 29.12.2017) по кој закон се водела постапката, иако за оваа одлука гласале само шест членови од вкупно дванаесет присутни.
Сето ова било сторено од причина што се знаело дека членот на комисијата, судијата Зоран Караџовски, не е веќе член на Судскиот совет поради истекот на мандатот, па бил променет составот на комисијата, со изборот на второ пријавената Г.С.
пишува во кривичната пријава на Лидија Неделкова до ОЈО Скопје.
Неделкова потоа аргументира дека пријавената не смеела да биде избрана како член на комисијата која постапувала по нејзиниот предмет, затоа што веќе изразила став по предметната постапка.
Под влијание на првопријавениот К.З. и на другите две пријавени (Г.С. и В.Д.), кои влијаеле од лични и политички причини, на 19.1.2021 година, комисијата донела предлог-одлука за разрешување без притоа да има други дополнително утврдени околности, а на истата фактичка состојба на кој начин потешко ги повредиле правата на оштетената судија Лидија Неделкова во постапката за утврдување одговорност што се води против неа повредувајќи и го правото на фер постапка од непристрасен орган постапувајќи спротивно член 6 од ЕКЧП и член 54 од Законот за измени и дополнување на Законот за Судскиот совет на РМ ( ‘Сл. Весник на РМ’ бр. 197 од 29.12.2017).
Неделкова: Судиите не се „глинени гулаби“
Во Кривичната пријава, Неделкова обвинува дека пријавените имаат лични и политички причини за да ѝ нанесат штета. На сите пријавени, во текот на нејзината кариера, им била надредена.
Од одговорите на прашањата што „360 степени“ ги упати до Неделкова, сепак, може да се заклучи дека мотивот на кривичната пријава има и поширок контекст.

„Судиите не се ‘глинени гулаби’, па да чекаат отстрел. Ако ваков прогон ми се случува мене, како долгогодишен докажан и угледен судија, кој бил на највисоките судиски позиции и го довел судството, а особено Врховниот суд на вистинскиот пат, тогаш што ли ги чека другите судии. Можеби некому му пречи и мојата актуелна кандидатура за претседател на Врховен суд?“
изјави Лидија Неделкова за „360 степени“.
Судски совет: Продолжуваме со враќање на довербата
„360 степени“ побара коментар и од Судскиот совет, односно членовите што се предмет на пријавата. Од институцијата велат дека не се запознаени со пријавата, но истакнуваат дека ќе продолжат со враќањето на довербата на граѓаните во судството.

„Не сме известени за поднесените кривични пријави против претседателот и двајцата членови на Судскиот совет на РСМ. За евентуална кривична пријава дознавме од средствата за јавно информирање.
Судскиот совет на РСМ и понатаму продолжува со следењето на работата на судовите, судиите и претседателите на судовите во насока на враќање на довербата на граѓаните во судството како приоритетна стратешка цел на овој Судски совет“,
велат од Судскиот совет за „360 степени“.
Филтрација
Кривичната пријава, но и обелоденувањето на потенцијалниот исход на постапката против Лидија Неделкова, доаѓа во период на распишан оглас за избор на претседател на Врховниот суд. Него, веќе повеќе од една година, го води вршител на должност, судијата Фаик Арслани.
Исто така, во последниот месец, беа разрешени две судијки, кои извршната власт ги коментираше во веќе објавената методологија за „филтрација“ на правосудството.
Една недела пред Нова година беше разрешена Весна Кичеец од Охрид, за нејзиното постапување во случајот со убиството на Димитар Матиловски (27).
Минатата недела, пак, беше разрешена судијката Татјана Михајлова, поранешната претседателка на Кривичниот суд во Скопје. Причината за нејзиното разрешување беа злоупотреби со АКМИС.
Во истиот период, претседателот на Судскиот совет Киро Здравев и министерот за правда Бојан Маричиќ ја претставија методологијата за прочистување на правосудството во 2021 година, која беше опишана како „патакоз за тоа на кој начин ќе се направи проверка на работата на судството“.