Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир вели дека е оптимист за приклучувањето на С Македонија кон Европската Унија и додава дека следува усогласување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција.
„Нема план ‘Б’, целта е пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Оптимист сум. Сега следува усогласување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори“,
вели Гир.
Тој додава дека разговорите продолжуваат во Брисел, а португалското претседателство се обврза дека ќе го помогне и ќе го турка процесот.
„Во меѓувреме, она што е важно е Северна Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред“,
вели Гир.
Според него, две работи се неопходни, првата е Северна Македонија и Бугарија да продолжат да се ангажираат да ги решат своите прашања на билатерална основа и второ – во меѓувреме Владата тука да го имплементира и да го забрза реформскиот процес.
„Зошто е тоа важно – прво, заради тоа што е од најголема важност за граѓаните, но второ реформите, и реформите поврзани со ЕУ се најбрзиот начин да се приближите и да се приклучите кон европското семејство“,
дециден е Гир.
