Неговата примена беше регулирана со Уредба со законска сила поради вонредната состојба, чија важност истекува на полноќ
Доколку Собранието ги изгласа измените на Законот за акциза, во кои се вметнати одредбите од Уредбата, РКЕ ќе треба да направи усогласување
Од ноќеска на полноќ во земјава повторно во сила е Законот за акцизи, кој ќе се применува со иста важност како што беше пред 1 април 2020 година и измената во јуни, кога неговата примена беше регулирана со Уредба со законска сила поради вонредната состојба, чија важност истекува.
Врз основа на ова, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ја измени одлуката која ќе ги измени износите на одделни елементи кои влегуваат во структурата при формирањето на највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, поради што и од полноќ ќе се намалат и цените на горивата.
Со ова, тие ќе бидат во согласност со важечките износи на акцизите, утврдени во Законот за акцизи кој се враќа на сила.
РКЕ секој понеделник носи одлука за утврдување највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт. Доколку Собранието ги изгласа измените на Законот за акциза, во кои се вметнати одредбите од Уредбата, РКЕ ќе треба да направи усогласување.
Но, дотогаш од полноќ малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98, како и на еуродизел (Д-Е V) се намалуваат за два денара за литар, на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), за 13 денари, додека малопродажната цена на мазутот останува на исто ниво.
Според тоа, еуросупер БС-95 ќе чини 61 денар на литар, еуросупер БС-98 63 денари, еуродизел БС 52,50, екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 41,50 и мазут М-1 НС- 30,823 денари за килограм.
