Во осум сектори за внатрешни работи ќе има промени, најави техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, во интервју за Националниот јавен сервис МРТВ. Промените, како што рече, веќе се конкретизирани со техничкиот премиер Оливер Спасовски и се очекува во текот на денешниот ден да помине новата систематизација на Влада.
„Петнаесетте места каде ќе има промени се осумте сектори за внатрешни работи во Скопје, Куманово, Велес, Тетово, Битола, Штип, Охрид и Струмица, Одделението за внатрешни работи во Прилеп со оглед на големината и бројот на население, Одделот за справување на организиран криминал и сериозен криминал, Единицата за интервентна полиција, Одделот за специјални полициски операции, Единицата за специјални задачи, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и Одделот за информатика и телекомуникации. Во консултации со дел од колегите од МВР селектирани се лица кои се со долгогодишно стручно искуство во проблематиката што ќе ја покриваат, кои се професионалци и луѓе со чест и интегритет. Да ви кажам дека за имињата дополнително ќе ве информирам заради тоа што уште се вршат завршни консултации и проверки“,
рече Чулев.
Во однос на кадарот во Министерството, Чулев смета таму има професионалци кои од страв дека ќе бидат професионално деградирани не отворале одредени криминалистички истраги. Најави дека токму на тој, како што го нарече, „професионален и стручен кадар којшто во изминатиот период бил деморализиран, го изгубил ентузијазмот или од икс причини не бил мотивиран за работа“, ќе му даде професионална шанса и ќе биде награден“.
Техничкиот министер додава дека ќе се постапува и по истраги што се уште не се завршени и во наредниот период ќе бидат процесуирани до надлежните правосудни органи.
Чулев, во однос на претстојните избори, кажа дека како Министерство ги мапирале критичните точки и за денот на избори, а и пред тоа ќе бидат распоредени дополнителни полициски сили со цел спречување на каков било начин да се наруши избирачкото право на граѓаните или да се изврши корумпирање на гласачкото тело.