Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица останаа „осамени“ против пописот во април, откако Алијанса/Алтернатива, со кои до скоро настапуваа со „здружени сили“, денеска гласаа исто како и пратениците на СДСМ и на ДУИ
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица останаа „осамени“ во парламентот против законското решение кое овозможува во април годинава да има попис на населението и на домаќинствата – операција што последен пат беше спроведена во земјава пред безмалку две децении.
Наспроти најавите на пратеникот и претседател на Левица Димитар Апасиев дека е можно да поднесе иницијатива до Уставниот суд против Законот за попис, затоа што статистичката операција ќе се спроведува во време на пандемија, министерот за здравство Венко Филипче соопшти вечерва дека и попишувањето на населението ќе се одвива според посебни протоколи.
„Пописот може да се изведе по сите здравствени протоколи. Консензус на ниво на СЗО е дека ниту еден процес и постапка не треба да запре, туку треба да се спроведува со протоколи кои се универзално прифатени во сите земји. Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести се на располагање за едукација и донесување протоколи за спроведување на оваа статистичка операција“,
изјави Филипче, посочувајќи го како позитивен пример изборниот процес, кој, како што рече, во делот на спроведувањето на здравствените протоколи помина без ниту една забелешка
Коалицијата на Алијансата на Албанците и на Алтернатива го поддржа денеска Законот за попис, за разлика од праксата од изминатите неколку месеци, кога парламентарната опозиција во неколку наврати настапуваше со „здружени сили“ и со поддршка од дури 58 пратеници во законодавниот дом, наспроти 62 пратеници од мнозинството.
Иако кон крајот на минатата година имаше и најави за можно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ со Алијанса/Алтернатива, овој пат партиите на Зијадин Села и на Африм Гаши не се приклучија кон „проектот“ на Христијан Мицкоски за саботирање на пописот, преку собирање граѓански потписи за донесување закон за поништување на Законот за попис, кој беше донесен денеска.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија денеска пленарната сала пред да почне гласањето за Законот за попис, а во партиското седиште веќе се крои план за собирање на најмалку 10 илјади потписи за поништување на законското решение.
Иако за најголемата опозициска партија веројатно нема да претставува проблем да ги собере потписите за поднесување предлог-закон за поништување на законот за попис, Мицкоски изјави неодамна дека од парламентарното мнозинство зависи дали овој предлог воопшто ќе биде ставен на дневен ред во Собранието и дали ќе се гласа за него.
„Потребни се најмалку 10 000 граѓански потписи, но ние ќе собереме колку што можеме повеќе, затоа што не сме против попис како статистичка операција, туку сме против политички попис, за кој не се знае ниту методологијата според која би бил спроведен. Ако власта одлучи да не го стави на дневен ред законот за поништување на законот за попис, тогаш ќе се конфронтира со илјадници наши граѓани“,
рече Мицкоски во гостување на Сител.
Минатиот месец, ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса/Алтернатива се разминаа во ставовите и за законот за државјанство, кој моментно е главна тема што ја туркаат Зијадин Села и Африм Гаши, со цел да се олесни постапката за лицата кои со години живеат во земјава, а немаат државјанство. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање, пак е дека треба да има „основана и јасна“ процедура за добивањее македонско државјанство.