Процентот на позитивни од тестирани изнесува 16%, што споредено со средината на декември е намалување од 13,3%
Речиси сите епидемиолошки параметри според кои се проценува состојбата со епидемијата бележат тренд на намалување, врз основа на што може да се каже дека епидемијата со коронавирусот во земјава се стабилизира, сметаат од Министерството за здравство.
Оттаму го посочуваат извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 11 до 17 јануари, каде што процентот на позитивни од тестирани изнесува 16%, што споредено со средината на декември е намалување од 13,3%, кога тој процент изнесувал 29,3%.
„Во истиот извештај, бројот на новодијагностицирани случаи со ковид-19 во една недела изнесувал 4 585, додека минатата недела таа бројка изнесува 2 397, што е намалување од 48 отсто“,
велат во МЗ.
Како позитивен параметар се посочува и намалување на бројот на починати, односно бројот на смртни случаи на неделно ниво е речиси преполовен, а значително е зголемен бројот на оздравени пациенти.
„Според вчерашната дневна статистика, бројот на активни случаи изнесува 11 924. Споредено со истиот датум во декември кога бројката е 21 979, тоа е намалување за 46 отсто“,
се посочува во ставот на Министерството.
Еден од клучните индикатори за состојбата е и бројот на хоспитализации, кој вчера беше 598 пациенти, што е речиси двојно помалку од хоспитализираните на истиот датум во декември.
Поради намалувањето на потребата од болничко лекување, затворени се ковид-центрите на Клиниката за очни болести и Клиниката за уво, нос и грло.
