Тие сметаат дека неосновано и неоправдано со времена одлука им се цепка и ограничува работното време и правото на работа
Вицепремиерот Битиќи им порача во овие тешки времиња сите да бидат разумни во очекувањата и можностите
Рестораните и угостителските објекти од денеска ќе работат до 21 часот, наместо како досега до 18 часот, мерка што беше донесена за да се спречи групирање во празничниот период и ширење на вирусот ковид-19.
Следната недела ќе се разгледа можноста за продолжување на работното време на угостителските објекти по 21 часот откако анализата во лабораторијата на МАНУ ќе покаже дали има опасност од нова мутација на вирусот.
Но, Независната угостителска комора вчера излезе со нови барања и на Владата ѝ даде рок до 25 јануари да усвои посебни мерки за директна помош и поддршка на угостителската индустрија.
Тие се незадоволни зашто првата мерка од петтиот антикризен пакет се однесува на, како што ги нарече „локомотивите“ членки на Стопанската комора, со укинување на царините за материјали за производство со што, според нив, Владата им подарила 162,4 милиони евра.
Тие сметаат дека неосновано и неоправдано со времена одлука им се цепка и ограничува работното време и правото на работа.
Предлагаат неискористени средства од четвртиот сет мерки за субвенција на плати од 15-ина милиони евра би можеле веднаш да се наменат за јануарска и февруарска субвенција за плати во угостителската индустрија.
Вицепремирерот за европски прашања Фатмир Битиќи не се согласува дека угостителите не се поддржани наспроти сите останати сектори. Уште во првиот и вториот антикризен пакет, како што вели, имало мерки насочени само кон угостителскиот сектор и оти само во делот на мерката за финансиска поддршка, процентуално гледано, искористеноста во овој сектор е солидна.
Во врска со барањето на угостителите за средба до 25 јануари, рече дека тоа би требало да се реализира доколку дозволат условите со ковид-ситуацијата, но оти има и други механизми како што е онлајн комуникацијата.
Тој изјави дека е отворен за комуникација со секого, но оти во овие тешки времиња сите треба да бидат разумни во очекувањата и можностите.
Според одлуката на Владата, од денеска по 21 часот ќе бидат затворени за посетители сите угостителски објекти и ресторани, како и угостителските објекти или делови за исхрана во угостителските објекти за сместување во хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објект за сместување, како и објектите со угостителска дејност на бензинските станици, соопшти вечерва владината прес-служба.
Исклучок од оваа одлука се угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и рестораните или деловите за исхрана во угостителските објекти за сместување во хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објекти за сместување за лицата сместени во овие објекти. Угостителските објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативен начин со онлајн или телефонски нарачки и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект преку штанд или пулт со почитување на основните мерки за дезинфекција, носење маски и одржување дистанца.
