Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи не се согласува со жалбите на Независната угостителска комора (НУК) дека угостителите не се поддржани од Владата за разлика од сите останати сектори, во однос на економските мерки за надминување на ковид-кризата.
На новинарско прашање, Битиќи посочи дека уште во првиот и вториот антикризен пакет имало мерки насочени само кон угостителскиот сектор и оти само во делот на мерката за финансиска поддршка процентуално гледано искористеноста во овој сектор е солидна.
Тој порача дека е отворен за комуникација со секого, но оти во овие тешки времиња, како што рече, сите треба да бидат разумни во очекувањата и можностите.
„Јас сум отворен да комуницирам дури и со неистомисленици без разлика дали тие претставуваат само мала група луѓе или претставуваат поголема група стопански субјекти. Имаше период на изјаснување за собирање на предлозите за мерките. Ќе ги видиме и ќе разговараме, но треба да сфатиме дека во овие тешки периоди, сите треба да бидеме разумни во очекувањата и можностите“,
рече Битиќи и додаде дека сите ќе бидат помогнати во рамки на возможното.
Во однос на барањето на угостителите за средба до 25 јануари, Битиќи рече дека тоа би требало да се реализира доколку дозволат условите со ковид-ситуацијата, но оти има и други механизми, како што е онлајн комуникацијата.
Вицепремиерот повтори дека следната недела ќе се разгледа можноста за продолжување на работното време на угостителските објекти по 21 часот, но, како што рече, секоја мерка што се носи мора да оди паралелно со примарната цел, а тоа, како што вели, е здравјето на граѓаните.
