Тој вели дека продолжуваат разговорите поврзани со краткото и долгото име на државата, за малцинствата, говорот на омраза, работата на комисиите, но и смета дека политичкиот дел треба да почека по изборите
Зборувајќи за одговорот од Бугарија за Акцискиот план, премиерот Зоран Заев, денеска изјави дека секаде каде што има какви било коментари кои задираат во нашиот македонски идентитет и македонски јазик, апсолутно нема да се разговара.
За Македонци и македонскиот јазик, за идентитетските прашања, нашата национална посебност, рече тој, апсолутно не разговараме.
„Нашите ставови се јасни. Не постои каква било перспектива или европска перспектива, ако бидеме обезличени, ако не постоиме. Ние сме Македонци, кои зборуваме македонски јазик, државата ни е мултиетничка, ние тука ги чуваме идентитетските прашања на целиот европски континент и ги негуваме и ги афирмираме, и очекуваме Европа, вклучително и Бугарија, да се придржува на тоа. Драго ми е што ја прифаќаат реалноста за Македонци и македонски јазик, и верувам дека во тој дух нема да дозволиме да биде доведен во прашање дигнитетот на самите разговори“,
изјави Заев кој рече и дека фокусот овие месеци ќе биде токму на овој план.
Тој вели дека продолжуваат разговорите поврзани со краткото и долгото име на државата, за малцинствата, говорот на омраза, работата на комисиите, но и смета дека политичкиот дел треба да почека по изборите.
„Но дефинитивно, политичкиот дел е нешто кое што треба да се разговара по изборите во Бугарија зошто би очекувале сега некое позитивно поместување, а истото тоа не беше возможно лани кога бевме подалеку од изборите“,
посочи Заев.
Премиерот потенцира дека Акцискиот план кој го дала македонската страна во декември, а бугарската потоа даде одговор е на меѓусекторска соработка, одржани се неколку координации и се очекува тој да биде усвоен на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Бугарија. Заев посочува дека Акцискиот план се адресира на транспортот, изградбата на граничните премини, гасната мрежа, железниците, патиштата, понатаму на соработката во образованието, здравството, културата, спортот, дигитализацијата.
Според информациите кои ги сподели премиерот, овие денови треба да има подготвителна седница и на Комисијата за историски и образовни прашања која треба да одржи седница во февруари. И од двете тој очекува да има исчекор.
Заев зборуваше и за смената на членот во заедничката историска комисија, Александар Литовски. Рече, дека според информациите кои ги добил од шефот на дипломатијата, Бујар Османи, на Литовски му завршил договорот и тој самиот не сакал да го продолжи. Инаку, Владата, минатата седмица соопшти дека е именуван и нов член во комисијата со Бугарија – Исамедин Азизи, научен соработник – доцент во Институтот за национална историја.
