Владата ги обврза единиците на локална самоуправа да објават листа со 22 обврзувачки информации и документи со кои се обезбедува отчетност
Владата нема да ги разгледува извештаите на единиците на локалната самоуправа ако на интернет-страницата на општината не е објавена листа од 22 обврзувачки информации и документи со кои се обезбедува отчетност, предупреди денеска премиерот Зоран Заев.
Во статус на Фејсбук, тој апелираше до локалните власти да обезбедат транспарентност во работењето, што, како што оценува, има позитивно влијание кон демократизацијата на државата и им овозможува на граѓаните да имаат контрола над институциите.
„Со цел да се поттикне отчетноста, транспарентноста и отвореноста на локалните самоуправи, согласно Стратегијата за транспарентност на Владата, на вчерашната седница е прифатена препораката на Комисијата за економски систем и тековна економска политика на Владата и донесен е заклучок дека сите финансиски извештаи и извештаи за работење (тримесечни, полугодишни и годишни), кои се доставуваат на разгледување во владина постапка, нема да бидат разгледани на Комисијата, доколку листата од 22 обврзувачки информации и документи со кои се обезбедува отчетноста на општината не се објавени на веб-страниците на предлагачите“,
истакнува Заев во објавата на Фејсбук.
