Претседателката на Програмскиот совет на МРТ (НРТВ), Смилка Јанеска-Саркањац, потврди дека утре ќе се разгледува одлука за распишување конкурс за избор на нов директор и заменик-директор на МРТ, што според професорот по управно право Борче Давитковски се коси со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги
На ист став (како Давитковски) е и актуелниот директор на јавниот сервис, Марјан Цветковски, кој предупредува дека таква одлука би можела да ја блокира работата на МРТ
Програмскиот совет на МРТ (Национална радиотелевизија) за утре закажа седница на која на дневен ред е и одлука за распишување конкурс за избор на нов директор и заменик-директор на јавниот сервис, дознава „360 степени“.
Но, според правните експерти што ги консултиравме, спорна е законитоста на евентуалното распишување конкурс, со оглед на одредбите од Законот за аудио и адуиовизуелни медиумски услуги, со кои мандатот на актуелниот директор, заменик-директорот и на членовите на Програмскиот совет на МРТ (НРТВ) е продолжен до изборот на нов Програмски совет – постапка која е заглавена во Собранието.
„Постојните членови на Советот и директорот на Агенцијата за аудио и адуиовизуелни медиумски услуги, како и членовите на Програмскиот совет и директорот и заменик на директорот на МРТ ја вршат функцијата до изборот на членови на Советот и директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и членови на Програмскиот совет и директор и заменик на директор на МРТ“,
гласи став 1 од членот 43 од Законот за аудио и адуиовизуелни медиумски услуги.
Оттука, распишување конкурс за избор на нов директор и негов заменик би било незаконско, смета универзитетскиот професор по управно право, Борче Давитковски.
„Одредбата е јасна. Прво да се изберат органите, па директорите. Ним по сила на закон им е продолжен мандатот. Не може да бираат нов директор кога на постоечкиот му е врзан мандатот со мандатот на Програмскиот совет. Тие имаат мандат до избор на нов Програмски совет, којшто ќе распише оглас за избор на нов директор. Законодавецот тогаш по сила на закон им го продолжил мандатот се до нов избор“,
вели Давитковски.
Претседателката на Програмскиот совет на МРТ (НРТВ), Смилка Јанеска-Саркањац, во телефонски разговор за „360 степени“ не сакаше да коментира како Советот би можел да распише конкурс, со оглед на одредбите во законот со кој се регулира изборот на раководните органи на МРТ (НРТВ). Вели дека одлука не е донесена, туку дека утре ќе се разгледува опција за евентуално распишување конкурс.
„Ќе разгледаме, ќе прибереме мислење и ќе видиме дали ќе распишеме или нема да распишеме конкурс“,
вели Јанеска-Саркањац.
За повеќе детали, Саркањац не препрати кај нејзиниот колега од Програмскиот совет, Ведат Мемедалија, кој само потврди дека ова прашање ќе се разледува на утрешната седница.
„Немам коментар се додека не ја донесеме одлуката утре. Пред седницата не сакам да прејудицирам, не можам да кажам ништо, мојот став ќе го кажам утре“,
рече Мемедалија за „360 степени“.
Нов конкурс може да ја блокира работата на МРТ, смета актуелниот директор
Актуелниот директор на МРТ (НРТВ), Марјан Цветковски, смета дека законот е јасен. Тој предупредува дека евентуален избор на негов наследник, пред Собранието да го изгласа новиот состав на Програмскиот совет, може да има негативни последици врз работата на јавниот сервис.
„Сите правни експерти кои имаат познавање во оваа сфера, го делат истиот став дека со носење на Законот, се до изборот на нов Совет, мандатите на овие органи се продолжени. Програмскиот совет е автономен во своето одлучување, како ќе одлучи — така. Се плашам дека ако така постапат, може МРТ да дојде во сериозен проблем, доколку некој ја оспори таа одлука. Ние ќе влеземе во ситуација каде МРТ би била блокирана и нема да може да го остварува своето работење. Сериозен проблем е како Советот ќе постапи – дали според закон или по нивно некакво убедување. Јас и досега сум ги почитувал одлуките на Програмскиот совет, но треба да се има предвид дека една таква одлука е сериозно дискутабилна и може да предизвика сериозни последици во понатамошното функционирање“,
вели Цветковски за „360 степени“.
Собранието одново ќе утврдува кандидати за членови на Советите на МРТ и на АВМУ
Изборот на нови раководни тела на МРТ и на АВМУ заглави во Комисијата за избори и именувања, уште за време на претходниот состав на Собранието, кога со ова тело раководеше пратеник од опозицијата.
Во јули 2019 година Комисијата ги утврди листите на кандидати за членови на Советите на МРТ и на АВМУ, кои се пријавија на конкурсите што ги распиша Собранието. Пријавените требаше да ги бранат своите тези на јавна расправа, но работата застана тука.
Новиот претседател на Комисијата, Костадин Костадинов, за „360 степени“ вели дека со оглед на новиот собраниски состав, постапката за избор на членови на раководните органи на МРТ и на АВМУ ќе мора да почне одново.
„Согласно Деловникот, сите акти што се преземени од претходен парламентарен состав, со изборот на нов, прекинуваат и мора да се распишат одново. Во духот на демократските вредности, во координација и комуникација со координаторите на пратеничките групи во Собранието и претседателот на Собранието, Талат Џафери, а согласно со нашите деловнички можности и законски обврски, ќе делуваме по овие две точки“,
вели Костадинов.
Главна отежнувачка околност за Собранието е тоа што, согласно новите одредби од Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за избор на членовите на Советите на јавниот сервис и на АВМУ треба да се обезбеди двотретинско мнозинство – и во Комисијата и на пленарна собраниска седница.
Во актуелниот состав на Програмскиот совет на МРТ, покрај Јанеска-Саркањац и Мемедалија, членуваат и Снежана Клинчарова, Ристе Панов, Златко Јанковски, Ивана Трајковска, Косана Мазнева-Николиќ, Јагнула Куновска, Анита Латифи, Гајур Рамадани, Илир Рамадани и Селпим Керим.