Сите чинители во државата се вклучени во процесот за да се отстранат опасностите по Охридското Езеро и неговото природно и културно наследство, согласно насоките на УНЕСКО, а преземањето итни мерки и активности се од врвен приоритет и на новиот состав на Националната комисија за УНЕСКО која, во координација со владиното интерресорско тело го подготвува Извештајот за напредокот за 2020 година кој нашата држава треба да го достави до Центарот за светско наследство на УНЕСКО до 1 февруари оваа година.
Нема да се гради ски – центар на Галичица
Како што соопштија од Владата, во овој извештај ќе влезат сите значајни активности и мерки за зачувување на статусот на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, како што е формирањето и функционирањето на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и Акцискиот план за постапување по Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО од 2017 година. Во овој период е донесен и Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион до 2029 година со акциски план за имплементирање на режимите за заштита.

Како дел од мерките за зачувување на статусот на охридскиот регион во УНЕСКО, се посочува поништувањето на плановите и проектите за ски – центар и пат низ Националниот парк Галичица, како старите проекти за туристичко-развојните зони, како спротивни на критериумите што го определуваат статусот на Охридското Езеро и природното и културно наследство на Охридскиот регион на листата на УНЕСКО.
Колекторскиот систем
За заштита на водите и езерската флора и фауна, од Владата посочуваат дека во тек е комплетна реконструкција и целосно заокружување на колекторскиот систем долж целиот брег, вклучително и пречистителните станици, за што е формирано посебно државно Јавно претпријатие „Колекторски систем“, и се работи на финансирање за целосна реконструкција на системот, што е врвен приоритет за да се превенира загадувањето на Охридското Езеро.

Во соработка со УНДП, „Електрани на Северна Македонија“ и со општините Охрид, Струга и Дебрца, се вршат работи за пренасочување на реката Сатеска, како најголемиот загадувач на езерото, во старото корито кон реката Дрим, а одговорено е и на барањата на УНЕСКО за регулирање на сообраќајот во стариот дел на Охрид, велат од Владата.
Дивоградбите
Општина Охрид, согласно препораките на УНЕСКО, изработи посебен регистар на нелегални градби за подрачјето на општината како база на податоци во која се внесени се вкупно 1 076 досиеја за нелегални градби во периодот од 2006 година до мај 2019 година.

Во контекст на новите генерални урбанистички планови за градовите Охрид и Струга, за да се примени Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО и да се спречат активности кои негативно влијаат врз исклучителната универзална вредност на природното и културното наследство во Охридскиот Регион, во текот на оваа година Министерството за транспорт и врски ќе донесе ДУП од државно значење за целото крајбрежје на Охридското Езеро со што се очекува да се решат проблемите со сите видови урбана узурпација на крајбрежјето и водите на езерото.
„Со овие активности, Владата силно ја реафирмира определбата да го зачува статусот на Охридскиот регион на листата заштитено светско наследство на УНЕСКО, имајќи ја реално предвид опцијата за ризиците и за можноста Охридското Езеро и неговото природно и културно наследство да биде прогласено за загрозено подрачје“,
истакнуваат од Владата.
