Таа тврди дека реформите во образованието имаат силна поддршка и од меѓународните партнери. Тие, вели министерката, ја финансираат и работната група
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, појаснува дека со новата концепција за реформи во образованието, нема да се намали бројот на часови, ниту пак предметните наставници ќе останат без работа. Она што се добива со интегрирањето на предметите, посочува таа, е продлабочување на знаењата на учениците.
„Намалување на бројот на часови нема или е многу ситно. Во делот на природни науки, поединечните дисциплини биологија, хемија, физика од шесто до деветто одделение се застапени со 16 часа, а во новиот наставен план се застапени со 18 часа. Додека општествените науки, како историја, географија и граѓанско, зошто географија ја имаме и во природни и во општествени науки, сега се застапени со 18 часа, а во новата концепција со 17 часа, заради тоа што физичка географија се префрлува во природни науки. Тоа укажува дека еднаков е бројот на часови. Интеграцијата на предмети не значи намалување на часови, значи намалување на предмети, но обемот останува ист“,
посочи Царовска во гостувањето во дебатната емисија на ТВ Клан.
Министерката преку пример посочува дека со интеграцијата, кога се учи биологија, хемија и физика на тема загадување на животната средина, темата се учи низ сите три дисциплини и на тој начин учениците добиваат претстава какво е загадувањето, од каде потекнува, но при тоа учат и за решението за да нема загадување.
„Секој од наставниците ќе си има свој модул, тие остануваат на работа, и по биологија и хемија и физика, и предаваат засебно, но при тоа имаат теми коишто ги поврзуваат, преку кои заеднички ќе може да го проценат нивото на знаења коешто ученикот ги стекнал и што може да ги употреби во иднина, за надминување на одредени предизвици“,
вели Царовска.
Таа тврди дека реформите во образованието имаат силна поддршка и од меѓународните партнери. Тие, вели министерката, ја финансираат и работната група.
„Сите можат да проверат, ние сме транспарентни како министерство, јас како министерка немам проблем со споделување на таков тип на информации. До денеска, од буџетот не е истрошен, посебно за пишување на оваа Концепција, ниту еден денар, заради тоа што имаме меѓународни партнери коишто навистина се грижат да нашата држава успее. Дури, мислам, се грижат повеќе од самите нас. Тие ја финансираат работната група“,
нагласи Царовска.
