„Не за кого е речено, туку за кого е печено.“
Според народната мудрост, послужавниците со храна не завршија кај оние за кои беше речено – антикорупционерите, туку кај Артан Груби и вработените во Министерството за политички систем.

Тие на почетокот на годинава се вдомија во зградата од која еден дел требаше да ѝ припадне на Државната комисија за спречување корупција.
„Разочарувањето дојде во последно време кога Владата, сепак, најде средства за да ја откупи цела зграда, а не успеа да најде еден спрат колку што нам ни е доволно да се преселиме“,
вели директоркта на ДКСК, Билјана Ивановска.
Објаснувањето на премиерот е дека ДКСК добила пари за реновирање.
„Не може веднаш да се очекува да се дадат простории кога веќе се дадени сериозни пари за реконструкција на постоечките објекти“,
кажа премиерот Зоран Заев.
Дали тоа што Владата најде пари за новото министерство со кое раководи ДУИ, а не и за антикорупциска, е одраз на приоритетите на кабинетот „Заев 2“?

Во оваа зграда во центарот на Скопје, која е класичен репрезент на политичко-градежниот потфат „Скопје 2014“, начелно беше договорено да влезе и Антикорупциската комисија. По низата технички и бирократски перипетии, кога се мислеше дека се е готово, тоа не се случи.
Наместо во нови простории, антикорупционерите завршија со реновирање на постоечките канцеларии близу Собранието.

„Пред да се решиме на чекорот на реконструкција на постојните простории, разговаравме со тогашната министерка за финансии, која ни кажа дека нема шанси да се купува тој простор. Потоа, дојде вицепремиерот за борба против корупција, дојде министерот за правда, разговарав и со министерот за финансии кога се кроеше буџетот и сите ми кажаа дека нема можности да се вложат дополнителни пари за да се купи тој простор за нашата комисија. Ја разгледваме состојбата каква е и баравме разумно решение, а тоа е тука да направиме реконструкција за да обезбедиме минимум услови за работа“,
вели Ивановска.

Тврдењата на министрите Ангеловска, Николовски, Маричиќ и Бесими дека „се нема пари“, кои ги слушнала Ивановска, се покажале невистинити кога Владата најде 10 милиони евра за објектот во кој, покрај Министерството за политички систем, ќе бидат сместени и Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците, Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, како и Националниот Албански ансамбл. Но, не и Антикорупциската комисија…
„Овој простор е благодарение на можноста на самата влада, министрите под раководство на првиот потпретседател на владата, од голем дел од заштедените средства уплати 620 милиони денари, тоа се 10 милиони евра, на акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор за да ја откупи зградата која што го врати кредитот. Значи, државата си врати кредит со овие пари, притоа доби едно министерство, ваков простор, кое е во прогрес и треба да се развива во една мултиетничка средина како што е С Македонија. А, таква работа да направите за која било друга институција е невозможно, зашто е невозможна оправданоста на парите за да може да се пренесат на ПУИГ, а ПУИГ да го врати кредитот што го има кон банките каде должи“,
рече Заев.

„Разочарување доживеавме кога видовме дека, сепак, има пари и дека не сме ние приоритет. Не се работи за комисијата како комисија и ние како луѓе, туку дали борбата против корупција е на државно ниво како приоритет. Тука паѓа државата на испит“,
укажува Ивановска.
„360 Степени“ побара дообјаснување од вицепремиерот задолжен за справување со корупцијата, Љупчо Николовски – дали тоа што извисија антикорупционерите е показател за важноста што и ја придава Владата на оваа тема?
„Владата не се откажува и понатаму е силно ангажирана да се најдат соодветни простори за ДКСК. Во моментов се разгледуваат неколку опции, и штом се одлучи, јавноста ќе биде известена … Борбата против корупцијата и криминалот е меѓу клучните приоритети во владинта рамка ‘Акција 21 – европски стандарди дома’, поточно втор по ред приоритет за оваа 2021 година“,
…ни одговорија од кабинетот на вицепремиерот Николовски.
Во приказната свој интерес има и Европската Унија. ЕУ, од ИПА програмата за 2013 година, на 9 институции им донирала компјутерска и серверска опрема вредна речиси 2,4 милиони евра. Целта била да се вмрежат државните органи надлежни за справување со корупцијата и криминалот, меѓу кои и Антикорупциската комисија. ДКСК чекаше нови простории за опремата да може да ја стави во функција.
„Ивановска: Оваа опрема беше дел од избор на примерок на ИПА ревизијата и таму е нотирано дека тој хардвер не е во функција, онака како што бил наменет. Тоа е веќе сериозна работа, потоа може да има финансиски последици по земјата.
360°: Тој хардвер сега каде се наоѓа?
Ивановска: Во министерството за правда.
360°: Оперативен ли е?
Ивановска: Па, делумо работи. Го вклучија минатат година, кон крајот на годината, зашто тоа беше еден од роковите кои ги постави ЕК. Јас лично се прашувам зошто, ако опремата е добиена во март 2018 година, зошто веднаш не бил вклучен од ИТ ценатрот во Министерството за правда“,
вели Ивановска.
Од Европската Унија, за „360 Степени“, велат дека биле информирани оти со претстојната реконструкција на просториите на ДКСК ќе се обезбеди и сервер-сала во која, конечно, ќе се смести донираната опрема. Во Делагацијата на ЕУ прашавме и што ако ИТ-опремата не биде оперативна до 31 март што се смета за неформален краен рок?

Прашани за коментар за тоа што наместо антикорупциска, ветените простории ги добија други институции, од Делегацијата на Унијата велат:

„Во членот 17 од нашиот закон наведени се сите надлежности кои треба да ги исполни оваа комисија, а од друга страна не се обезбедени условите за тоа да го исполни, зашто имате уште еден член во законот кој вели дека ние треба да сме електронски поврзани со институциите, што подразбира брза размена на податоци, а тоа не е овозможено. Значи, ако сакате да угушите некоја институција, тогаш ќе ја оптоварите со многу надлежности и обврски, а од друга страна ќе ја оневозможите да работи. На тој начин, изгледа дека е неефикасна, иако ние не се откажуваме, напротив, ова ние нас уште повеќе мотивација да продолжиме по професионалниот пат по кој сме почнале. Можеби ќе бидеме малку побавни, ама ќе ја постигнеме целта“,
потенцира Ивановска.

Пред една недела ДКСК распиша тендер за софтвер за електронско поврзување со други институции и за изработка на регистар на избрани и именувани функционери. Набавката е проценета на околу 700 илјади евра. Претседателката на Комисијата најавува и промена во пристапот при што, за разлика од досега, приоритет треба да имаат крупните „риби“ и предмети.