Основниот кривичен суд во Скопје бара Адвокатската комора, МВР и обвинителството да реагираат на заканите и притисоците од одбраната во случајот ТНТ кон поротничката и Судот и да ја заштитат независноста и непристрасноста во судското работење, а паралелно нагласуваат дека во интерес на странките е да се заврши предметот, односно да има судење во разумен рок.
Реакцијата од Судот доаѓа откако во изминатиот период преку јавни обраќања и отворени писма адвокатот Јовица Страшевски, бранител во ТНТ на ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, ја прозиваше поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска, но и судот и Судскиот совет, барајќи таа да не се појавува повеќе на судења бидејќи ѝ е истечен четиригодишниот мандат кој започнал на 24 декември 2015 година.
Со отворените писма, прозивајќи ја поротничката, тој ја „потсетуваше“ дека ако се појавува на рочишта прави кривично дело – лажно претставување, а дека прават кривични дела тој ги посочи и првиот човек на Основниот кривичен суд, Иван Џолев и претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев.
Во денешната реакција од Судот се посочува дека се изненадени од неетичкиот и непрофесионалниот однос кој е без почит кон судот и е надвор од надлежностите на еден адвокат на обвинет во судска постапка.
„Притисок/закана со поднесување кривична пријава кон судски поротник, кој активно учествува во водењето на судската постапка и учествува во носењето на одлуката, е сериозен акт и класичен пример на атак врз независноста и непристрасноста на судското одлучување, дотолку повеќе што во конкретниов случај заканата е генерирана од адвокат кој е учесник во истиот судски предмет во кој постапува нападнатиот судија поротник. Укажуваме дека, доколку странките имаат забелешки на работењето на судот, постојат правни лекови и законски инструменти со кои може да се побива судското постапување и судските постапки. Заканите и притисоците, особено во време на активна судска постапка, не смеат и не можат да бидат опција во една демократска држава во која сите тежнееме кон владеење на правото“,
реагираат од Основниот кривичен суд.
Судот чека одлука на Судскиот совет
Оттаму посочуваат дека тие не можат да ја прекинат работата на поротничката, односно дека таа има обврска да ја извршува својата функција сè додека не биде разрешена од Судскиот совет. Исто така, судот ќе бара поротничката да остане за да има судење во разумен рок.
„Како суд укажуваме дека ќе инсистираме на судење во разумен рок, што е законска обврска, но и интерес на обвинетите кои тежнеат да ја докажат својата невиност, како и на оштетените кои ги бараат своите права. Судењето во разумен рок е во интерес и на правната држава и владеењето на правото. Во правец на погоренаведеното е и барањето до Судскиот совет да се продолжи мандатот на конкретната поротничката, бидејќи нелогично и неиздржано е поротничка која 2,5 години посветено учествувала во судската постапка да се разреши поради истек на мандат, кое нешто би иницирало постапката да почне одново“,
сметаат од судот.
Судски совет: Адвокатот Страшевски се става во улога на судија
По реакцијата од Основниот кривичен суд за прозивките од адвокатот Јовица Страшевски, со осуда се огласија и од Судскиот совет кој треба да решава за поротничките на седница на 27 јануари.
„На овој начин адвокатот Страшевски покрај улогата на бранител, настојува да ја менаџира постапката во случајот ТНТ, да ја превземе и улогата на судија, спротивно на принципот на владеење на правото чии сегмент е и принципот на судење во разумен рок. Судскиот совет не може да се меша во менаџирањето со предметите но е заинтересиран постапките да се завршат без одовлекување во разумен рок“
велат од Судскиот совет.
Користењето албански јазик во ТНТ за судот е уште еден обид за кочење
Основниот кривичен суд, исто така, реагира и на неколкуте барања на адвокатот Мерџан Даути, кој бараше да го користи албанскиот јазик, што го сметаат за очигледни обиди за кочење на судскиот процес.
„И покрај фактот што тој лично во мноштво други судски постапки го користел исклучиво службениот јазик, чие активно користење е услов за добивање на адвокатска лиценца, согласно Законот за адвокатура, во оваа постапка инсистира да го користи својот мајчин јазик кој дури ни неговиот клиент не го разбира. Какви било отстапки од ЗКП, кој го регулира користењето на јазиците во судската постапка, може да повлече низа опструкции во сите останати судски предмети во државата што може да доведе до колапс на правосудниот систем“,
велат од судот.
Барањата Даути ги изнесуваше повикувајќи се на Законот за јазици, за кој и Венецијанската комисија забележа дека би можел значително да го забави функционирањето на целото судство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење.
Министерство за правда бара санкционирање за кршење на законите
Уште една во низата реакции по неколкуте прозивки од одбраната во ТНТ, се огласија и од Министерството за правда од каде што побараа судиите адвокатите и обвинителите да го почитуваат законот, а секое прекршување да се казнува.
„Единствено судски постапки што се водат во разумен рок со почитување на правата на обвинетите, судски постапки во кои не се злоупотребуваат процесни права и судски постапки во кои судиите судат врз основа на утврдени докази, а не под притисок на кој било, може да резултираат со судски одлуки кои ќе бидат основа на градење систем заснован на правда. Од тие причини, апелираме сите носители на јавни овластувања во судските постапки – судиите, адвокатите, обвинителите, да го почитуваат законот, а доколку дојде до негово прекршување – тоа да биде санкционирано“,
реагираат од Министерството нагласувајќи дека останува на ставот да не коментира актуелни судски постапки за да не дојде до мешање на извршната во судската власт.
Министерството за правда досега не коментираше актуелни судски постапки и останува на тој став, почитувајќи го принципот на немешање на извршната во судската власт, стои во реакцијата од Министерството за правда.
Спорна е и возраста на поротничките – загрозени се уште четири предмети
Покрај поминатите четири години од мандатот на поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска, одбраната во случајот ТНТ ја оспоруваше нејзината и функцијата на нејзината колешка Марика Кондовска поради наполнети 60 години.
Одбраната се повика на Законот за судови со кој се предвидува дека мандатот на поротник завршува со навршени 60 години, услов кој го имаат исполнето двете поротнички.
И при ваквите барања за прекин на судењето, претседателот на судечкиот совет во овој предмет, Огнен Ставрев, одговараше дека тие ќе работат сè додека не добијат решение дека им завршил мандатот на двете поротнички.
За оваа околност се огласи и Судскиот совет, кој преку соопштение на 23 декември најави разрешување на Ивановска-Кочковска и Кондовска.
„Судскиот совет одржа работен состанок и, имајќи ги предвид наведените законски одредби, донесе заклучок согласно кој престанок на функцијата судија поротник на наведените судии поротници во Основниот кривичен суд Скопје ќе констатира на првата наредна седница“,
наведоа тогаш од Судскиот совет.
Денеска преку соопштение, пак, од Судскиот совет потсетија дека точката за продолжување на манатот по барање на претседателот на Основниот кривичен суд, Иван Џолев, била ставена на дневен ред на седницата на 25 декемвреи 2019, но била одложена за наредната седница пет дена подоцна.
„Поради немање кворум за одлучување и потребата материјалите да бидат доставени на увид и проучување на новоизбраниот член на Советот, седницата се одложи за 27.01.2020 година“,
потсетуваат од Судскиот совет.
Во очекување на наредната седница, од Кривичниот суд, пак, закажаа нови четири рочишта во пресрет на веќе закажаното за 17 јануари. Така, рочишта треба да се одржат и на 13, 14, 15 и 16 јануари.
ТНТ е најкритичниот предмет бидејќи е пред самиот финиш. До пресуда треба да се сослушаат дел од обвинетите и да се дадат завршни зборови. Меѓутоа, истиот судечки совет постапува во уште четири предмети на СЈО: „Талир“, „Тендери“, „Топлик“ и „Монструм“. Ако дојде до промена во судечкиот совет, и тие предмети ќе се вратат на почеток.
*Поврзани вести:
Бранителот на Трајковски ја повика судијката поротничка во ТНТ да не се појавува повеќе на рочишта
Ќе се разрешат судијките поротнички – пет случаи на СЈО се враќаат на почеток
Венецијанската комисија повикува да се преиспита Законот за јазиците