Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и потпретседателот на партијата, Христијан Мицкоски и Александар Николоски, лобирале кај унгарскиот премиер Виктор Орбан, како земја членка на ЕУ да даде поддршка за одблокирање на земјава. Македонските опозиционерите во Будимпешта оствариле средба и со министерот за надворешни работи Петер Сијарто.
На работниот ручек со Орбан, Мицкоски се осврнал на блокираните европски интеграции кои се последица на последното вето на источниот сосед, што Македонија ја оддалечува од стратегиската цел за членство во Европската Унија.
„Премногу долго државата е заробена во недостиг на реформи, калкулирања и тапкање во место, што резултира со оправдана нервоза, но и своевидна фрустрација во исполнувањето на стратешката агенда. Точно е дека македонската влада има огромен застој во исполнувањето на реформите, неисполнети ветувања и не до крај посветен пристап кон интеграциите, исто како што е точно дека државата и сите нејзини граѓани не смеат да бидат заглавени поради таквата неспособност на домашната влада, но и недоволната спремност на сите земји членки на Унијата да им подадат искрено рака на земјите аспиранти кон ЕУ“,
рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Како што информираа од партијата, соговорниците размениле мислења и за економската и здравствената состојба, како и за предизвиците што произлегуваат од пандемијата на ковид-19.
„Македонската економија е во рецесија и над 50 илјади наши сограѓани ги загубија своите работни места. На граѓаните им недостасува конкретен план како да се излезе од кризата, но и сигурност и перспектива. Најголемиот дел од граѓаните очекуваат од владата стратегија и план како тие ја проектираат иднината за одреден период од сега. За огромна жал, Македонија е меѓу земјите со најголем број на починати споредено со бројот на жители поради ковид-19 пандемијата. И тоа е доказ за неспособното и не до крај доволно посветеното работење на властите во надминувањето на предизвиците. На тој план клучна е размената на знаења и искуства со понапредните држави, како што е Унгарија и би бил благодарен доколку Унгаријата помогне на тој план со кој било свој расположлив потенцијал“,
му рекол Мицкоски на Орбан.
На работниот појадок со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, станало збор за стратегиските приоритети врзани со членството на државата во Европската Унија. Мицкоски побарал од Сијарто поддршка и вклучување во одблокирање на пристапниот процес. Мицкоски потенцирал дека државата не смее да преговара за своите идентитетски обележја и тоа не смее да биде цената за напредок на земјава кон патот на Европската Унија.