Премиерот најави дека повторно ќе разговара со Ацо Велковски, кого повеќе вработени подолго време го обвинуваат за мобинг
Да не ми изигруваат локални шерифи и да им служат на граѓаните достоинствено, им порача денеска премиерот Зоран Заев на градоначалниците од неговата партија.
Тој ова го изјави одговарајќи на прашањето дали е запознаен дека огромен број вработени во Општина Лозово се жалат на мобинг од градоначалникот Ацо Велковски, кој е од редовите на СДСМ.
„Првиот пат кога беа реакциите, лично разговарав со градоначалникот и секако добив соодветно објаснување и корекции за одредени работи. За новите настани не сум запознаен, оваа недела сигурно дека ќе реагирам затоа што јас сум служител на сите наши граѓани и сакам да бидам секогаш во нивна заштита. Градоначалникот извршува сериозна и одговорна функција“,
рече Заев.
Вработени во Општината уште во 2019 година се пожалија во медиумите дека се жртви на мобинг од градоначалникот, а најновите случаи се дека четворица членови на Дисциплинската комисија се мета на раководството на Општината и против нив се покренати дисциплински постапки.
