Како што најавија вчера од партијата, Мицкоски денеска од Скопје оди во Будимпешта на средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а потоа во Љубљана и Загреб
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски, од денеска заминува во мини-дипломатска офанзива кај сестринските партии во регионот и во Европа.
Како што најавија вчера од партијата, Мицкоски од Скопје оди во Будимпешта на средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, по што следуваат Љубљана и Загреб.
Во интервју за „Дојче веле“, Мицкоски вели дека секоја средба има своја цел, но заедничко е тоа што на овие средби отворено ќе разговараат за блокираната европска перспектива на Македонија и за можноста тие да помогнат за придвижување кон европската иднина.
„Независно што ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, сметам дека треба да се искористи сиот расположлив потенцијал да се направи своевиден притисок и да се придвижиме кон патот на ЕУ. Имаме две опции – или да се задушиме во домашни обвинувања за тоа кој шири лажни вести, а кој ја говори вистината, па да се спроведува операција со која ќе се сака да се прикрие анексот на Договор за кој јавно говори Бугарија, а гледаме дека власта во Македонија моли Бога да не се дознае. Втората опција е да не чекаме, да тропнеме на вратите кои можеме да ги отвориме и да побараме поддршка за она што е заедничка стратегиска цел, а тоа е одблокирање на патот кон ЕУ“,
вели Мицкоски.
Како што вели Мицкоски во интервјуто, целта на средбите е да ги потврди добрите односи и соработката на ВМРО-ДПМНЕ со сестринските партии и поддршката која меѓусебно си ја даваат.