Министерот за финансии очекува нормализирање на состојбата во вториот квартал од годината
Веќе во првиот квартал од 2021 година ќе се видат ефектите од мерките кои Владата преку државниот буџет ги презема за стаблизирање на економијата во состојба на криза, смета министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Тој најави уште средства за пакетот – мерки за 2021, покрај 85 милиони евра од државниот буџет за поддршка на економија, здравствениот сектор и социјални категории кои се погодени од ковид – кризата.
„Во текот на овој период се разговара, а веќе во собраниска процедура треба да помине и законот за гарантната шема. Преку Развојната банка ќе се добијат дополнителни кредити за стопанските субјекти. Грантот од Европска Унија, односно 31 милион евра со поволни услови и 30 отсто грант за стопанствениците, веќе е во фаза на реализација“,
изјави денеска Бесими.
Министерот рече дека некои од мерките веќе се применуваат, а се во комуникација со коморите за нивна реализација.
„Од јануари во континуитет ќе се работи и ќе се промовираат дел од мерките. Во првиот квартал ќе имаме и појасна слика за мерките. Според најновите податоци од Управата за јавни приходи, 13 илјади компании веќе аплицирале за декемвриската плата. Постојано сме во комуникација да најдеме и дизајнираме соодветни мерки, да се реагира брзо во поддршка на економијата во текот на 2021 за да се остварат проекциите за 4,1 раст, под претпоставка дека по вториот квартал ќе дојде до нормализирање на состојбата од ковид – кризата“,
истакна Бесими.
