Во екот на кампањата за претседателските избори ги посетивме населбите во кои живеат тројцата кандидати и разговаравме со нивните први соседи. Репортажата од Дебар Маало и Автокоманда е на Зоран Јованоски, а од Бутел – на Хекуран Акифи.
====================
Скопската населба Бутел е адресата на раѓање на Блерим Река. Синот на професорот Хамза Река и Назмије Кастрати пораснал во овој дел од градот и станал неразделен другар со врсниците од соседството. За нив, Блерим Река не е ниту професор, ниту поранешен амбасадор, ниту кандидат за претседател. За нив тој е Беки.
„Заедно сме од земјотресот, откако е направена населбата, тогаш сме населени 1963/64“.
„Скромен, поштен, мислам никаков проблем сме немале. Еве, ние тука сме веќе години, тој се дружел со маж ми. (Сме си играле тука и фудбал и се,Твоја генерација е ?Помал е од мене)“.
Професорот Река веќе 59 години живее на иста адреса. Можеби затоа соседите велат дека тој секогаш ќе ја има нивната поддршка.
„Не дека сум комшија со него, јас се знам од 1964 со Беки, од мали деца сме заедно, се почитуваме, многу блиски пријатели сме. Значи, најдобро мислење имам за Беки.“
„Се надевам дека ќе гласаат затоа што стварно заслужи да биде тој претседател.“
„Добар дечко, фер, може да биде и добар претседател.“
Убаво мислење за професорот Река имаат и продавачите на пазарчето во Бутел. За нив тој е едноставен човек кој умее да разговара со сите.
„Блерим го знам откако сум излезен на овој пазар пред 20 години. Комуникативен човек, не е еден од оние што иако се школувани и држи став, но има почит и за луѓето кои се работници“.
„Што пазарува? Тоа што му треба, компир, зелка, патлиџан, салата. Мислите дека ќе има успех? Сега зависи од народот, не се сите луѓе исти“.
Како универзитетски професор по меѓународно право, Река има објавено бројни научни трудови. Беше наш амбасадор во Европската Унија од 2006-та до 2010-та година. Во моментов предава на Универзитетот на Југоисточна Европа.
„Се работи за вистински професионалец, за еден совршен професор, за познавач и на меѓународната политика и на внатрешната. Мислам дека е совршен кандидат за претседател“.
И студентите на професорот Река ја поздравуваат неговата кандидатура.
„Мислам дека кандидатурата на Блерим Река е исправна, бидејќи гледајќи ги постигнувањата што ги постигна на Штуловиот универзитет, тој мислам дека ќе ги претставува како нас Албанците, така и народот на Македонија“.
„Мислам позитивно и се надевам на успех во освојувањето на изборите“.
„Добро, не можеме да кажеме дека тоа е вистинската личност во вистинскиот момент, што е наш професор, а неговата кандидатура е разумна, бидејќи Албанците е разумно да имаат еден свој претставник, но за понатаму оставаме на времето“.
Како независен кандидат за претседател на државата, поддржан од Алијанса за Албанците и од БЕСА, Блерим Река досега не беше директно вклучен во политиката. Ова му е прво искуство во изборна трка.
„Точно, ова е моето прво изборно искуство, но се обидуваме да докажеме дека нема да водиме само академски, елитни, салонски кампањи туку ќе одиме од врата до врата за секој гласач за секој глас“, вели Река.
Професорот е оптимист и верува во силата на зборовите од неговиот изборен слоган „Река за Република“.
„Секојдневно примам пораки на поддршка, не само од Албанците туку и од сите заедници, Бошњаците, од Ромите, Македонците и Власите, ми даваат храброст да продолжам со овој концепт на обединување на сите граѓани, за концепт каде што ќе владее законот, а не индивидот“, вели Река.
Верувајќи во тој концепт Река веќе соопшти дека, ако победи на изборите, нема намера сопругата, трите деца, нивните партнери и четирите внучиња да ги пресели во претседателската вила на Водно. Скопската населба Бутел ќе остане негова адреса на живеење.
====================
Утро во скопско Дебар Маало. Додека соседството ја живее секојдневната рутина, тоа не важи за една дебармаалка. Професорката Гордана Силјановска-Давкова ја очекува уште еден долг ден, но не на часови со студентите. Во кандидатурата за претседател наоѓа повеќе значења.
„Тежок предизвик, умор, ама и задоволство. Тежок предизвик, реков, заради тоа што имате шанса не само да кажете, туку и да чуете, а тешко е затоа што не сум сама, јас морам и оние кои ме поддржаа да ги убедам зашто за нив сум нова, за некои можеби бев страно лице, да ги убедам дека сум добро решение, дека имам додадена вредност, дека можеби за мене ќе гласаат и неутрални и разочарани од другата партија и тоа бара голем напор.“ – вели Силјановска-Давкова.
По првата недела кампања најголем впочаток и оставило првото телевизиско соочување со ривалите.
„Милам дека нивото беше високо, дека аргументите држеа, дека односите беа со респект, впрочем ние се познаваме, особено со господинот Река.“ – додава таа.
Силјановска-Давкова тргна кон блиската црква пеш. Сепак, соседите раскажуваа дека сега, како претседателски кандидат, од пред куќата најчесто ја земаат со автомобил. Иако се случува за кратко да му го зафатат паркинг-местото на првиот сосед, Тома Ничота, тој вели дека таа е легалист и затоа нејзиниот сопруг прво бара дозвола.
„Понекогаш Благоја ќе ми се јави дали може да паркираат тука. Кога не сум тука – може, зашто пред куќа е малку метеж. Но, луѓето се тивки, не можеш да ги забележиш, дали е претседател госпоѓата или е професор или пензионер, не верувам дека ќе има некоја голема промена, не знам. Ние многу често и не се гледаме зашто госпоѓата Гордана многу работи, јас ја гледам низ пенџерчето, некогаш се шегувам, велам те шпиунирав, пак работиш. Летно време почесто, во дворчето, и така.“ – раскажува Ничота.
Силјановска-Давкова е чест гостин во бистрото што се наоѓа наспроти семејната куќа. Готвачот Миодраг Манасиев ја доживува за скромна личност.
„Ја земаат со кола, без никакви перформанси, без никакви театри. Неприметно. Тоа е тоа што нам ни фали.“ – вели Миодраг кој ѝ ја готви омилената храна.
„Пософистицирана храна како што личи на една дама во години. Паста, италијанската кујна ја преферира, светски трендова жена, домаќинка жена, добар родител, мајка со прекрасни деца – пример за секоја македонска фамилија.“ – додава тој.
Мери Василевска која заедно со него работи во бистрото, раскажува дека често гостинка им е и ќерката на Силјановска-Давкова. „И таа е интелектуалка и водиме интересни муабети. Таа се занимава со филиграни, ни раскажува за нејзиното хоби.“ – вели Василевска.
Ако Силјановска-Давкова биде избрана, еве каков претседател очекуваат да биде.
„Да биде исправен и правичен, да не биде ограничена, сокриена позади некоја партија, да имеме за прв пат претседател кој ќе биде баш заштитник на сите граѓани, а не сето тоа да биде краткогледо.“ – порачува Василевска.
„Еднаш и Македонија да биде како што треба, да има претседател со свој карактер, а не да биде потрчко на тие што ќе го изберат. Само своето „јас“ нека го задржи. Не мора да ја изберат, меѓутоа пораките што ќе ги даде, и нејзиниот ривал ако победи, не е битно кој, нека го свати нејзиното мнение зашто има капацитет и пакет позади себе.“ – смета Манасиев.
Само неколку улици подолу е пазарчето Буњаковец, каде Силјановска-Давкова е добро познат муштерија. Ленче Саревска овде има своја тезга околу дваесет години.
„Таа практикува да пазари многу македонски производи, строго ги бара, најчесто зеленчук, пазари и овошје, но најмногу зеленчук и сака здрава храна.“ – раскажува Саревска.
На пазарчето му фали паркинг простор за муштериите. Сепак, свесни дека идниот претседател не може да им помогне за ваквите проблеми, трговците очекуваат предизборните ветувања да бидат во рамки на претседателските надлежности.
„Да се бори за Македонија, знам дека е голем борец, начитана, писмена, паметна, и мислам дека може да направи нешто повеќе за Македонија.“ – додава Саревска.
Силјановска Давкова е професорка на Правниот факултет на УКИМ, каде предава и предавала на многу генерации правници, политолози и новинари.
И додека Силјановска-Давкова се подготвува за претседател, нејзините студенти подготвуваат колоквиуми. Затоа деновиве на Правниот факултет е речиси празно и ретко може да се сретнат студенти, па и професори. Меѓу ретките што ги сретнавме е нејзиниот студент Виктор Јакимовски.
„Дава впечаток дека е пристапна, дека е личност што може да помогне, посебно на студентите. Сега е во претседателска кампања така да ќе можам да видам некои нејзини страни.“ – рече Јакимовски.
====================
Скопската населба Автокоманда вторпат ќе има можност да го даде првиот човек на државата. Тука, со своето семејство, живее претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, кој по потекло е од позната галичка фамилија.
„Го знам фамилијарно, од неговиот тетко. Познавајќи го толку години тој е еден човек исклучително комуникативен, прав господин, си ја познава работата, политиката, и мислам дека ќе биде вистински претседател за Северна Македонија.“ – рече Цветанка Никодиновска, сосетка на Стево Пендаровски.
„Комшии сме. Само една улица не дели. Овде во зградава живее. Мирен човек, едно добар ден, и сопругата негова исто.“ – вели Аница Теова, сосетка на Стево Пендаровски.
А Пендаровски тргна во нов ден од кампањата.
„Јас веќе поминав низ една ваква авантура во 2014 година. Паметам дека пред пет години поминав 14 илјади колометри по различни места, градови и села во Македонија. Сега, според ова темпо од првите неколку дена или првата недела, мислам дека ќе го надминеме тој рекорд и така мора да биде. Секој сака да разговара со вас, да ви каже што мисли за она што вие го нудите, да бидете подобар, да ве искритикува.“ – вели Пендаровски.
Тој очекува подемократска и поцивилизирана кампања од претходните, а тројцата кандидати да дадат пример како се прави тоа.
„Што се однесува до нас или тимовите околу нас би морале да задржиме едно ниво на пристојност и мислам дека на таков начин и ќе ѝ помогнеме на земјава да добие датум за преговори во јуни, ако покажеме дека сме подготвени да организираме навистина европски избори.“ – додава Пендаровски.
Пендаровски замина на нови средби со потенцијални гласачи. Дознавме дека за неговиот стајлинг често помага сопругата Елизабета, а еве и како.
Меѓу првите соседи на семејството Пендаровски од неодамна е и Имер Османи, со својот кројачки дуќан.
„Сум го видел неколку пати, сме се поздравиле. Живее над нашиот дуќан. Семејството е мнуго добро, ги запознав за ова кратко време неговиот дедо, жената и синот, сум ги видел неколку пати.“ – вели Османи.
А за првиот сосед да изгледа елегантно…
„На една бела кошула му ги скратив ракавите, а и панталоните требаше да му ги скратам, па и тие му ги скратив. Неговата сопруга ги донесе, па потоа дојде да ја земе облеката и беше задоволна од работата што ја завршивме.“ – додава Османи.
Пендаровски е редовен муштерија во локалните мали бизниси. Ни рекоа дека знае да појадува во оваа бурекчилница. Веднаш до неа, пак, е фотокопирницата во која работи Лихнида Прчовска.
„Доаѓа кај мене, копира некои материјали, претпоставувам потребни за работа, тестови за студенти и негови трудови што ги има пишувано.“
Каков човек е, каков впечаток ви има оставено?
„Супер, незнам, одличен, коректен, фин, културен… Тоа е.“ – вели Прчовска.
Пендаровски со децении е на јавно експонирани позиции. Па не е чудно што луѓето имаат големи очекувања од него.
„Како што ја кажува кампањата, така и да ја оствари. А не како што кажуваат едно, а потоа не остваруваат ништо. Јас мислам дека тој ќе го направи она што го кажува.“ – очекува сосетката Никодиновска.
Пендаровски, кој долги години работеше во МВР, а потоа беше и советник на двајца претседатели, е професор на Универзитетот Американ колеџ во Скопје.
За неговиот студент, Христо Поп-Димитров, Пендаровски е врвен професор, секогаш отворен и достапен за студентите.
„Многу студенти доаѓаат од страна и баш тој пристап на професорот го фалат. Доаѓаат студенти од Белгија, Пакистан, Италија, Турција и сите баш се задоволни затоа што никогаш не искусиле некој професор толку да биде засегнат со проблемите на учениците, на студентите, не само во студентскиот живот, туку и во секојневието.“ – раскажува Поп-Димитров.
Дали ќе продолжи да го прави ова или ќе треба да им се посвети на државничките должности, ќе дознаеме на 5-ти мај.
Напишете коментар