Пред почетокот на денешното рочиште, одбраната го повлече предлогот денеска да сведочи Ѓорѓи Лазаревски, еден од двајцата „свиркачи“ кои го обелоденија скандалот со масовното прислушување
Влошената здравствена состојба на обвинетата Надица Николиќ, го одложи денешното рочиште за судскиот предметот ,,Тврдина-Таргет“.
Адвокатот Љупчо Шврговски пред судот изјави дека обвинетата има акутен бронхитис поради што матичниот лекар ѝ отворил боледување од 10 до 15 дена.
Но, Кривичниот совет, кој го предводи судијката Џенета Бегтовиќ, рече дека оправдувањето за обвинетата за денеска се прифаќа, но тоа не значи дека ќе го направат и на 15 јануари, за кога е закажано следното рочиште.

Од судот најавија дека ќе стапат во контакт со матичниот лекар за дополнителни информации.
Денеска на предлог на одбраната беше предвидено да сведочат Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, двајцата укажувачи кои го обелоденија скандалот со масовното незаконско прислушување. Но, пред да се одложи денешното рочиште, одбраната соопшти дека го повлекува предлогот Лазаревски да биде сослушан како сведок.
Обвинети во овој предмет се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и неколку вработени во поранешната УБК, кои се товарат за нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броја во периодот меѓу 2008 и 2015 година.
