Порталот „Призма“ пред три дена објави дека поранешниот скопски градоначалник, Коце Трајановски, се подновил со куќа од близу 400м2 во населбата Ќерамидница, во сопственост на фирма што ја купил минатата година.
– Таа куќа по 9 месеци од крајот на мандатот на градоначалникот Трајановски, преминува во негови раце, со тоа што тој ја презел фирмата, а куќата ја добил како имот на фирмата, вели авоторот на сторијата, Гоце Трпковски.
Екс-градоначалникот тврдеше дека не ја познавал од претходно сопственичката на фирмата и дека парите за да ја купат компанијата ги собрале со продажба на имот.
– Таа уште се гради, но планираме да биде семејна куќа. Станот ни е во процедура за продажба, а и бабата продаде земјиште за да можеме да ја купиме куќата – рече Коце Трајановски, поранешен градоначалник на Скопје за „Призма“.
Но, според документите до кои дојде „360 Степени“, Трајановски успеал да купи фирма која поседува три парцели со вкупни 1895 м2 и отпочната куќа за неверојатни – 1000 евра. Како?
Оваа куќа на кејот на Вардар, спроти хотелот Русија и салата Јане Сандански, е објектот што го привлече вниманието на јавноста по текстот на порталот „Призма“. Пред куќата се забележуваат багери кои ископуваат земја и го рамнат теренот, најверојатно за асфалтирање на нова улица. Станува збор за идниот дом на поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, за кој не би имало причина за интерес на новинарите, доколку не излезеше на површина историјата на куќата.
– според најстарите сателитските снимки на ГУГЛ од 2002 година, трите соседни парцели во Ќерамидница, се ниви;
– во 2006 е донесен Детален урбанистички план, при што не е сменета намената на парцелите – тие остануваат земјоделско земјиште;
– во 2012, со Трајановски како градоначалник, Градот Скопје носи нов Генерален урбанистички план, со што земјиштето е префрлено во градска четврт во која може да има и домување;
– во 2014 се отвора фирмата „Природна органска храна“;
– на почетокот на 2016 година, фирмата купува две од трите соседни парцели кои по опис се уште се земјоделско земјиште;
– само неколку месеци подоцна, во летото 2016, општината Гази Баба го менува Деталниот план и нивите стануваат градежно земјиште;
– во март 2017 фирмата „Природна органска храна“ добива дозвола за градба и кон крајот на годината почнува да гради објект од речиси 400 м2;
– на почетокот на 2018, фирмата зема заем од 32,500 евра од извесен Јордан Димитровски при што како залог е оставен имотот со куќата;
– на 25 јуни 2018, Коце Трајановски и неговата сопруга ја купуваат фирмата „Природна органска храна“. Продолжуваат со изградба на куќата, а на име на фирмата во ноември е впишана и третата соседна парцела.
Според документите до кои дојдовме, купопродажната цена на фирмата „Природна органска храна“, која во тој момент поседувала две парцели и куќа во изградба, е само 1000 евра. По 500-ини платиле Коце Трајановски и неговата сопруга.
Се чини одлична зделка и покрај залогот.
– Ако гледаме како фирма, која заработила 7.000 евра за 5 години, и која имала трошоци од околу 30.000 евра загуба, ако гледаме како фирма која не работи рентабилно, можеби ќе си речеме дека тоа и не е невообичаена цена да се купи таква фирма за 1.000 евра. Меѓутоа, ако видиме што се има на име на таа фирма, тогаш секако дека е невообичаено толкав имот да се стекне за таа сума. Она што е клучно е како таа фирма со неработење успеала да дојде до целиот тој имот? – прашува новинарот Трпковски.
За разлика од пред неколку дена, кога за „Призма“ не можеше да се сети, Коце Трајановски за „360 Степени“ потврди дека фирмата со куќа на нејзиниот имот ја купиле за 1000 евра. И тој признава дека сумата е нелогично ниска, но телефонски ни рече дека компанијата, која речиси за без пари ја купиле со сопругата, имала и други долгови. Колку точно, Трајановски не можеше да се сети, но спомена дека само за комуналии долгот бил околу 25.000 евра. Сите наследени долгови на фирмата, вели тој, ги покрива со продажба на имотот кој досега го имал стекнато: две ниви и стан, кои му биле транспарентно пријавени.
Според последниот годишен извештај доставен до Централниот регистар, „Природна органска храна“ на крајот на 2018 година имала обврски од близу 310.000 евра. Таа сума ја надминува вредноста на имотот наведен во анкетниот лист што Трајановски го доставил при заминување од функцијата.
Антикорупциската комисија денеска најави дека ќе го разгледа случајот што го отворија новинарите на „Призма“, но по изборите.
Напишете коментар