Пелоси инсистира дека Трамп ќе биде отповикан врз основа на 25-от Амандман од Уставот
ФБИ добиле информација дека екстремистичките приврзаници на Трамп повикуваат и на „упад“ во зградите на државните, федералните и локалните власти пред инаугурацијата на Џо Бајден
Што предвидува 25.амандман?
Претседавачката со Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси вели дека ќе разгледа опции за да се повика на 25-от амандман за смена на претседателот Доналд Трамп пред истекот на неговиот мандат на 20 јануари, откако републиканците го блокираа првичниот обид за тоа.

Пелоси во име на демократите кои имаат мнозинство во Претставничкиот дом, го повика потпретседателот Мајк Пенс да одговори во рок од 24 часа да го отповика Трамп врз основа на 25-от амандман.
„Нашиот следен чекор ќе биде да овозможиме отповикувањето да се спроведе до крај. Претседателот е закана за САД и тоа е итна работа, поради што тоа ќе биде нашиот следен чекор“,
рече Пелоси.
Демократите во Конгресот на САД денеска го започнаа вториот обид за отстранување на претседателот во заминување Трамп, повикувајќи се на резолуција за негово отповикување поради „поттикнување бунт“ откако неговите поддржувачи упаднаа во Конгресот минатата недела, при што загинаа пет лица.
Претставничкиот дом треба да разговара за ова веќе в среда. Доколку предлогот биде изгласан, Трамп би станал првиот претседател во американската историја, кој е двапати отповикан од Долниот дом на Конгресот.
Пелоси, многу демократи и мал број републиканци сметаат дека на републиканскиот претседател не треба да му се дозволи да го отслужи својот мандат до крај, а кој завршува на 20 јануари.
Републиканците сепак, го блокираа усвојувањето на предлогот веднаш да се разгледа резолуција со која се повикува потпретседателот Мајк Пенс да го активира 25-от амандман за да биде сменет претседател кој веќе не е способен за функција, кој никогаш досега не бил искористен како инструмент.
Долниот дом треба да гласа за резолуцијата утре со која се повикува на активирање на 25-от амандман. Но, Пенс и неговите колеги републиканци досега не покажаа сигнали дека се подготвени за таков чекор.
Конгресменот Џим Мекговерн, претседател на Комитетот за деловнички прашања на Претставничкиот дом, рече дека очекува расправата за предлогот за отповикување на претседателот да се одржи в среда и верува дека таа ќе биде усвоена.
Што предвидува 25.амандман?
Амандманот 25, кој се состои од 4 дела и стапи на сила во 1967 година, предвидува потпретседателот да ја преземе функцијата во случај претседателот да ја напушти функцијата. Исто така, се обезбедува механизам со кој претседателот може привремено да се откаже од своите овластувања ако, на пример, треба да направи операција и слично.
Но, тој исто така утврдува и начин безусловно да се отстрани претседателот – ако „не е во можност да ги извршува овластувањата и должностите на неговиот кабинет“.
Напорите во тоа време, според историчарите, биле со цел да расчистат една голема двосмисленост во првичниот устав: кој ќе го наследи претседателот ако прерано ја напушти функцијата
Практиката до раните 60-ти години на минатиот век беше дека потпретседателот е непосреден наследник на претседателот, но тоа никогаш не беше законски дефинирано.
Сепак, четвртиот дел е најважната клаузула на Амандманот затоа што го одредува процесот за непречено отстранување на претседателот од позицијата шеф на државата.

Одлуката дека „претседателот не е во состојба да ги извршува овластувањата и должностите на неговиот кабинет“ ја донесува потпретседателот и повеќето секретари – во моментов 15 – и му овозможува на потпретседателот да го преземе кабинетот.
Ако претседателот тврди дека не е во можност да продолжи да работи, но со тоа не се согласуваат потпретседателот и поголемиот дел од владата, тогаш прашањето го решава Конгресот, кој може со двотретинско мнозинство да изгласа претседателот да остане на функцијата.
ФБИ: Вооружени групи планираат „голем бунт“ ако се активира 25. амандман
Во меѓувреме, американските медиуми, повикувајќи се на дневниот билтен на ФБИ, објавија дека вооружена група планира „голем бунт“ во Вашингтон, доколку Трамп биде отстранет со 25-от амандман.
„На истражителите им било кажано дека ако Конгресот се обиде да го отстрани со 25-от амандман, ќе се случи голем бунт“,
се наведува во инфомацијата од ФБИ, што ја пренесе Еј-би-си Њуз.
ФБИ исто така добиле информација дека екстремистичките приврзаници на Трамп повикуваат и на „упад“ во зградите на државните, федералните и локалните власти пред инаугурацијата на Џо Бајден.

„Вооружени протести се планираат во главните градови на сите 50 држави, почнувајќи од 16 јануари до најмалку 20 јануари, а на Капитол од 17 јануари до 20 јануари“,
се наведува во билтенот на ФБИ.
Претставничкиот дом каде мнозинство се демократите еднаш гласаше за отповикување на Трамп во 2019 година за притисок врз Украина да спроведе истрага за синот на Бајден, кој тогаш беше промовиран како негов противкандидат за претседателските избори, но Сенатот каде мнозинство се републиканци беше против.