Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за „360 Степени“ на Алсат зборуваше за преговорите со опозицијата за законот за СЈО.
Тема беше изборното ветување на СДСМ за бирање државен јавен обвинител на предлог на опозицијата.
– Имавме неколку предлози во нашата програма кои предвидуваа порадикални резови во судството. И кога ги започнавме разговорите со ЕК околу судските реформи, го повикавме Прибе, кога побаравме мислење од Венецијанската комисија, тие не потсетија дека првата обврска која сме ја презеле е дека ќе ги почитуваме заклучоците на Прибе и мислењето на Венецијанската комисија. И едното и другото, велат, апсолутно не на вакви предлози, за било какво учество на политиката, во било кој од процесите на номинација – рече Шекеринска.
Таа рече дека ова не било клучниот проблем во разговорите со ВМРО-ДПМНЕ. На забелешката дека е несериозно вакво ветување да се стави во изборната програма ако СДСМ знаел дека ова не може да се реализира, Шекеринска рече дека Европската Комисија не би одговорила на консултации во врска со партиската програма.
– Ако ова е проблем во разговорите меѓу владата и ВМРО-ДПМНЕ, тогаш нема проблем и ќе го решиме. Проблемот е на друго место. Прашањето е каков мандат ќе има, која ќе биде моќта, независноста на СЈО, и дали тоа ќе добие обновен мандат и кои ќе бидат инструментите кои ќе може да ги користи – рече Шекеринска.
На забелешката дека Јавното обвинителство не отвора случаи против актуелната власт, Шекеринска праша дали Зврлевски ќе го реши проблемот со Јавното обвинителство.
– Или мислите дека Мицкоски функционира независно и ќе ни даде предлог којшто нема никаква врска со неговиот будимпештански мандат? ВМРО-ДПМНЕ бара мандат кој ќе стави клуч на СЈО или сите нив да ги претвори во восочни фигури кои ќе може да ги стават во поранешниот музеј за восочни фигури – рече Шекеринска.
Напишете коментар