Полковник Зоран Секуловски и по една година од номинацијата за воен претставник на земјава во НАТО не е заминат за Брисел, објави неодамна „360 степени“
Министерката за одбрана не го спомена името на одбиениот старешина, иако индиректно потврди дека станува збор за полковник Секуловски со оглед на тоа што рече дека се во тек преговори со кабинетот на шефот на државата за воен претставник во НАТО
За три групи до четириесетина луѓе од Министерството за одбрана и од Армијата е започнат реветингот или ресертификацијата. Дел од нив добиле безбедносни сертификати од НАТО, за дел процедурата е во тек, а само еден претставник е одбиен.
Ова денеска го изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на лесниот Пешадиски батаљон во Штип.
„Не сме ние тие што ги соопштуваме и образложуваме тие одлуки. Тоа е дел од работењето на една поширока алијанса. Чекаме процесите да завршат и, се разбира, водиме разговори со кабинетот на Претседателот околу одлуката за наш воен претставник“,
вели Шекеринска.
„360 степени“ неодамна објави дека полковникот Зоран Секуловски и по една година од номинацијата за воен претставник на земјава во НАТО не е заминат за Брисел.

Министерката за одбрана денеска не го спомена името на одбиениот старешина, но индиректно потврди дека станува збор за полковник Секуловски со оглед на тоа што рече дека се во тек преговори со кабинетот на шефот на државата за нов воен претставник во НАТО.
Шекеринска смета дека нашето воено претставништво во Брисел е релативно пополнето, а во тек е избор на уште еден полковник и на уште двајца подофицери.
„На воено ниво навистина сме многу сериозно претставени во рамките на НАТО и тој процес ќе го финишираме и со воен претставник. Меѓутоа, има многу работи, кои не зависат само од нас. Очекувам на 15 јануари нашиот амбасадор, Дане Талески, веќе да замине за Брисел и тоа ќе биде многу важно за функционирање на нашата мисија таму“,
рече Шекеринска и додаде дека доделувањето безбедносни сертификати е одложено поради пандемијата.
Таа рече и дека најголем дел од лицата кои се праќаат на реветинг веќе имале НАТО-сертификати, но кога земјава не беше членка.
„Да станете членка на ваква Алијанса со многу поголем пристап до информации што се чувствителни, висококласифицирани, не е лесно и затоа овој процес, ниту е брз, ниту е лесен“,
рече Шекеринска.