Недозволена работа на кафеани, тепачки, семејно насилство, продажба на дроги, тешки кражби, употреба на пиротехника – новогодишната ноќ со статистика од 16 кривични дела и 13 прекршоци
Од синоќа во 19.30 часот до 8 часот утрово на бесплатната телефонска линија на МВР биле пријавени 22 групирања за новогодишната ноќ, од кои 8 биле неосновани, соопшти денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Девет од пријавите биле за собирања во викенд- куќи каде полицијата извршила контрола и случаите се документираат.
Од отворањето на линијата на 28 декември до утрово вкупно се пријавени 62 групирања, кои според законот не се дозволени, како мерка против ширење на коронавирусот.
Генерално мирно
Министерот за внатрешни работи оцени дека новогодишната ноќ била главно мирна, со статистика од 16 кривични дела и 13 прекршоци.
Кривичните дела се во Тетово, Скопје, Охрид, Струмица, Велес и Штип, а станува збор за работење на угoстителски објекти по дозволеното време (5), продажба на дрога, тешки кражби и тепачки, од кои и случај на семејно насилство и напад врз службено лице.
Прекршоците се на територијата на Скопје, Битола и Тетово, за нарушување на јавниот ред и мир и употреба на пиротехника.
Во Скопје полицијата во текот на вчерашниот ден (од пладне) и ноќта (до 4 часот утрово) заедно со Пазарната инспекција извршила контроли во 288 угостителски објекти. Притоа, утврдени се случаи на незаконско работење, а поднесени се и пријави за нарушување на јавниот ред и мир.
