Министерот за здравство, Венко Филипче, утрово им ја честита на граѓаните Нова година и посака во 2021 да има убави вести, пренесе МИА. Како таква, убава вест, тој ја посочи онаа која доаѓа од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, каде што по полноќ се родиле две здрави машки бебиња, а по нив и едно женско.

„Годината што измина, беше кризна година, каква што светот не памети во изминатите најмалку 100 години. Кризна година, еден голем предизвик, не само за здравствениот, туку и за економскиот и социјалниот систем. Година во која граѓаните покажаа и докажаа што значи да се има верба во институциите и благодарение на таа верба и почитувањето на мерките, сега има стабилна епидемиолошка ситуација, се помал број на новозаразени од коронавирусот. Болниците се празнат и посакувам овој тренд да продолжи и понатаму“,
истакна министерот Филипче.
Тој им се заблагодари на граѓаните за вербата во институциите, за нивното трпение и почитувањето на сите превентивни мерки.
„Оваа година, беше година во која здравствените работници покажаа како се работи професионално, посветено, со брз систем на реорганизација и не дозволија ниту еден пациент да остане без болнички третман. Сите заболени од Ковид-19 беа навремено згрижени и третирани“,
подвлече Филипче.
Тој рече дека сме на прагот на имунизацијата и дека од СЗО нашата држава била оценета како една од најподготвените во Европа.
„Верувам дека со вакцината ќе се стави крај на пандемијата насекаде во светот“,
рече Филипче.
Директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство е Викторија Јовановска им ја честита Новата година на сите граѓани и соопшти дека по полноќ се родени две машки здрави бебиња.

„Во текот на ноќта и во текот на работниот ден, немавме породување на ковид позитивна трудница. Во првата минута после 12 часот имавме две здрави, машки бебиња, од мајка прворотка и мајка второротка. Оваа година мислам дека ќе биде многу поуспешна“,
рече Јовановска.
Рано утрово, Министерството за здравство соопшти дека првото бебе е родено во 00:01 часот, со спонтано породување.
