Бројот на угостителски објекти кои не ги почитувале протоколите за работа во изминатата недела се зголемил за 50 проценти во однос на неделата пред тоа. Од инспекторатите најавуваат засилени контроли и неселективно постапување за новогодишните празници.
„Надлежните инспекциски служби во текот на новогодишните празници ќе спроведуваат интензивни контроли на терен со цел да се спречи ширењето на вирусот и да се заштити здравјето на граѓаните“,
рече претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашковска.
Таа соопшти дека во перидот од 21 до 27 декември бројот на затворени угостителски објекти е зголемен во споредба со периодот од 14 до 20 декември за 50 проценти.
„Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат од 21 до 27 декември спроведоа 3864 контроли и 462 надзори поврзани со почитување на протоколите за работа на кафетерии и угостителиски објект, но и по други материјални закони. При спроведените надзори изречени се 32 прекршочни пријави, 62 решенија за констатираните неправилности и 43 прекршочни платни налози. Од вкупниот број решенија 13 се поради непочитување на Законот за заштита на население и протокол за работа на угостителски објекти и тоа за седум во Скопје и по два угостителски објекта во Гостивар, Тетово и Струга“,
рече Филиповска-Грашковска.
Како што додаде, во сите овие угостителски објекти не се почитувало работното време или ограничувањето на четири лица на едно маса, на сите е изречена забрана за вршење дејност и затворени се на лице место, а се изрекуваат и прекршочни платни налози.
Потенцира дека инспекторите ќе спроведуваат контроли и во текот на новогодишната ноќ со цел да се спречи ширењето на вирусот. Инспекторите ќе постапуваат по пријава или добиено сознание за собири и доколку се утврди дека има организиран настан ќе се преземат соодветни мерки.
