Вкупно 488 000 илјади евра ќе поделат 11 печатени медиуми во земјава во рамки на Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми, која се реализира трета година по ред. До Владата стигнале 14 барања но, Комисијата формирана од владиниот Генерален секретаријат одобрила 11.
Причината е што 3 биле специјализирани изданија, a целта на програмата е да се реализираат активностите за поддршка на печатените медиуми од општ и информативен карактер.
„Комисијата донесе одлука врз основа на доставените барања и комплетната документација, согласно јасно дефинирани критериуми. Висината на одобрената поддршка е утврдена врз основа на доставените фактури за календарската 2019 година, а е дефинирана со договор потпишан помеѓу Генералниот секретаријат и избраните корисници врз основа на Записник за евалуација и Извештај на одобрени барања“,
соопшти владината прес-служба.
Финансиска поддршка е доделена на оние печатени медиуми кои ги имаат исполнето сите обврски кон државата и кон вработените за 2019 година.
Согласно предвидениот буџет за 2020 година, на печатените медиуми на македонски јазик исплатени се средства во висина од 36,8% за направените трошоци за печатење и 36,8% за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 50,8% за направените трошоци за печатење и 50,8% за трошоците за дистрибуција.
Комисијата едногласно одлучила, остатокот на средствата од вкупниот буџет да ги додели на регионалните медиуми и тоа по 15.833 денари на „Зенит“, „Битолски весник“ и „Штипски глас“.


