Попис ќе има во април догодина зашто е неопходен за развојот на државата, велат од владејачкото мнозинство и порачуваат дека тоа е статистичка операција што не треба да се политизира и да зависи од волјата на политичките партии и лидери. Опозицијата, пак, изразува сомнежи во предложениот закон за попис, интервенира со амадмани и смета дека е подобро да се пролонгира за еден месец за тој да биде кредибилен.
ВМРО-ДПМНЕ инсистира на читачи на отисоци на прсти, а Алијанса на Албанците и Алтернатива бараат пролонгирање и формирање посебно тело што би го споровело пописот. Двете партии поднесоа четириесеттина амандмани на законот, што беа разгледувани на вчерашната седница на Комисијата за европски прашања.
Координаторот на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи, изјави дека тие ќе го поддржат законот, но сметаат дека треба да се пролонгира рокот за завршување на пописот и тој да биде на 30 април, за што имаат поднесено амандман. Тие исто така бараат Државниот завод за статистика да не ја води оваа операција, туку од страна на Владата да биде формирана службена државна пописна комисија, која ќе го надгледува пописот, бидејќи, како што велат, немаат доверба во институцијата која од девет раководни места, нема ниту еден Албанец. Според Реџепи, овој закон не треба да се политизира.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, поднесе 26 амандмани на Законот за попис. Координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски, изјави дека се работи за суштински амандмани кои значат подобрување на законскиот текст и влевање доверба во целата операција.
„Избегнувањето на обезбедувањето на отисок од прст не дава сигурнист во целата постапка. Образложението дека тоа е скапа операција и ќе треба време за набавка не држи затоа што во ДИК за таква апаратура има, но не се префрлени пари од ДИК за тоа“,
рече Мицевски.
За СДСМ ваквите предлози имаат цел одолговлекување и откажување на пописот. Нагласуваат дека попис на населението ќе има идната година во април, и оти ќе биде успешна статистичка операција што ќе ја организира и спроведе Државниот завод за статистика според најдобрите стандарди на ЕУ.
„Тој погрешен концепт на ВМРО ДПМНЕ, пописот да биде политичка операција, се потврди како погрешен во 2011 година и затоа пописот пропадна и залудно се потрошија народни пари. Неконструктивна опозиција, без компас, сега се противат на попис. Се противат на онлајн работа на Собранието, блокираат работа на законодавен дом кога на граѓаните им требаат институции за борба со пандемијата и заздравување на економијата.Немаат ниту една идеја од помош, само блокади, блокади, блокади“,
изјави пратеничката Снежана Калеска-Ванчева.
Според најавите од претседателот на Собранието, Талат Џафри, Законот за попис се очекува да да се најде пред пратниците на пленарана седница по 18 јануари.
Собраниската Комисија за европски прашања денеска треба да ја продолжи седницата на која се рагледува Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македониа во 2021 година, по скратена постапка.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија треба да се одржи во периодот од 1 до 21 април 2021 година. Последниот попис во земјава беше спроведен во 2002 година. Пописот во 2011 година не се реализира, откако 10 дена по неговото започнување беше прекинат по колективната оставка на членовите на Државната пописна комисија. За пропаднатиот попис истрага отвори поранешното СЈО, која потоа ја презеде ОЈО за организиран криминал и корупција. Според истрагата, со одлуката за стопирањето на пописот, тогашните владини коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ нанеле штета на Буџетот во износ од 2,8 милиони евра.