Документот на Судскиот совет наречен „Интерен план за следење на работата на судовите, судиите и претседателите на судовите за периодот 1 јануари – 31 декември 2021 година“, меѓу другото, предидува „формирање тричлени комисии за следење на работата на судиите и претседателите на судовите“
Овие „тројки“, составени од членови на Судскиот совет, ќе остваруваат работни посети, ќе вршат увид во предмети, ќе изготвуваат извештаи и ќе поднесуваат барања за утврдување одговорност за судија или за претседател на суд
Советот за реформи во правосудството денеска ја потврди т.н. методологија за филтрација на правосудството. Според Министерството за правда, станува збор за „патоказ за тоа на кој начин, следната година, ќе се направи проверка на работата на судството“. Технички, не станува збор за еден, туку за неколку документи.
Два од нив произлегуваат директно од Законот за судски совет од 2019 година и се однесуваат на „квалитативно оценување“ на работата на судиите и на претседателите на судовите. Според увидот што го имаше „360 степени“, најинтересен е документот наречен „Интерен план за следење на работата на судовите, судиите и претседателите на судовите за периодот 1 јануари-31 декември 2021 година“.
„Тоа е главна алатка за најавеното филтрирање и проверката на работата на судиите и судовите. Тоа е плод на повеќемесечна работа и ангажман на Судскиот совет, на експерти но и секако придонес на Владата. Она што нам ни е битно како Влада е дека Судскиот совет го заврши својот дел од работаат. Ги формулираше согласно Законот овие инструменти. Останува да биде донесена во текот на месец јануари уште една методологија, тоа е методологија за сложеност на предмети, која што ќе ја комплетира оваа слика и практична во една определена временска рамка, во наредната година има план како да се проверува работата на судовите во државата“,
изјави министерот за правда, Бојан Маричиќ, по состанокот.
Но, само од достапните документи, не може лесно да се извлече дефинитивен заклучок – како ќе се „филтрира“ судството. Еве и зошто.
Според важечките законски решенија, еден судија може да биде разрешен по две основи:
– поради сторена потешка дисциплинска повреда
– поради нестручно и несовесно вршење на функцијата
Под потешка дисциплинска повреда се подразбираат четири основи – повреда на јавниот ред и мир, мешање во работа на друг судија, одбивање да се поднесе изјава за имотна состојба и прекршување на правилата за изземање.
Под нестручно и несовесно вршење на функцијата има седум основи – меѓу кои правосилна затворска казна од најмалку 6 месеци, одолговлекување постапка, крупна професионална грешка и во случајот најинтересното – ако во две последователни оценувања судијата добие негативна оценка.

Сите овие механизми за разрешување судии и досега му беа на располагање на Судскиот совет. Разликата е што сега, со методологиите, се прецизира квалитативното оценување на работата на судиите и на претседателите на судовите. Но, според актуелните закони, судиите редовно се оценуваат еднаш на четири години, што сугерира дека не може да се очекува брзо „филтрирање“.

Но, тука стапува на сцена новиот документ на Судскиот совет наречен „Интерен план за следење на работата на судовите, судиите и претседателите на судовите за периодот 1 јануари-31 декември 2021 година“. Планот предвидува повеќе приоритети и активности за период од една година. Меѓу активностите е и „формирање тричлени комисии за следење на работата на судиите и претседателите на судовите“. Овие тричлени комисии нема да бидат составени од судии од повисоките судови, како што е случај при редовното оценување, туку од членови на Судскиот совет. Овие „тројки“, меѓу другото, ќе остваруваат работни посети, ќе вршат увид во предмети, ќе изготвуваат извештаи и ќе поднесуваат барања за утврдување одговорност за судија или за претседател на суд.
Во функција на целите, пишува во Интерниот план на Судскиот совет, ќе се изврши проверка на судски предмети. Во опсегот на предмети кои се квалификуваат за проверка се споменуваат:
– предмети за кои се поднесени претставки од граѓани;
– предмети кои застареле или се пред застарување;
– предмети за кои постојат сомнежи дека не е постапувано согласно закон;
– предмети кои предизвикале интерес кај јавноста;
– сите предмети по кои постапувало Одделението за организиран криминал во скопскиот кривичен суд;
– предмети со посебни истражни мерки;
– предмети за кои е пропишана доживотна казна затвор и други.
Проверката на предметите ќе се изврши без оглед на стадиумот во кој се наоѓаат – тековни и архивирани предмети.

Дали ова значи дека илјадници судски предмети наскоро ќе се најдат под мониторинг и по кој критериум ќе се бира кој предмет, а со тоа и кој судија ќе биде „под лупа“, во моментов е нејасно. Неофицијално, тоа ќе го објасни претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, на прес-конференција во следните денови.