Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави одговорност за власта за овој договор
ВМРО-ДПМНЕ вечерва го повика претседателот на државата, Стево Пендаровски да не го потпишува законот за спорот помеѓу државата и „Макпетрол“, изгласан денеска од Собранието, со кој оваа компанија ќе добие 33 милиони евра за решавање на спорот околу гасоводот.
„Пендаровски барем еднаш да не биде слуга на Зоран Заев и да не го штити криминалот на оваа не народна власт. Тутунарите, невработените, семејствата кои настрадаа од корона кризата треба да знаат дека за нив нема грижа од државата затоа што Заев реши да даде пари на ‘Макпетрол’ наместо да решава проблеми“,
рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на прес-конференцијата вечерва во партиското седиште.
Тој ја нарече, „исклучително лажна вест“ информацијата дека ВМРО-ДПМНЕ го поддржала носењето на овој штетен закон, како што кажал пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов.
Наместо тоа, тој упати на видеоснимка на која како што рече се гледа како пратеникот Исмаил Јахоски кој е од владејачкото мнозинство не гласал за овој Закон.
„ВМРО-ДПМНЕ уште од почетокот беше против овој закон и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на секој можен начин се обиде да спречи негово донесување, но оваа криминална власт си го донесе преку своето кревко мнозинство“,
рече Мицевски, најавувавјќи дека власта за ова ќе одговара за криминал.
Претходно и двајцата пратеници поднесоа барање до Пендаровски со кое бараат тој да стави вето на Законот.
