Светската здравствена организација донираше медицинска опрема од 2,5 милиони денари за Клиниката за неврологија, информираат од Министерството за здравство.
„СЗО за Клиниката донираше 25 монитори за следење на виталните параметри на пациентите – пулс, притисок, ЕКГ, телесна температура, сатурација и број на респирации. 50 пулс оксиметри и 50 инфрацрвени термометри. Донацијата е во висина од над 2,5 милиони денари. Министерот Филипче се заблагодари и истакна дека истата ќе биде од голема помош за Клиниката“,
се вели во соопштението.
Претставничката на Светската здравствена организација во Скопје, д-р Жихан Тавила, упати благодарност на луѓето што се на првата борбена линија со вирусот, како што ги нарече, „нашите херои“ – здравствените работници.
„Во изминативе 12 месеци се промени текот на историјата, а сè уште не знаеме кога сето ова ќе заврши. Сакам да им честитам на целата влада и на министерот за здравство д-р Филипче за вложувањето на сите можни напори и ресурси (човечки и финансиски), како и за покажаната енергија и добра волја за ставање под контрола на кризата предизвикана од ковид-19. Денешнава донација од СЗО е дел од пакетот на поддршка што СЗО оваа година ѝ ја обезбеди на Северна Македонија за зголемување на безбедноста на пациентите и здравствените работници и за подобрување на лекувањето на болните од ковид-19“,
рече Тавила.
