Владата ги обработила приговорите кои пристигнале од граѓани кои не добиле финансиска помош од 6 000 денари со последниот пакет мерки за помош во ковид-кризата, а утре ќе ги објави бројките за реализацијата на оваа мерка. Владиниот портпарол, Душко Арсовски, уверува дека помошта ќе ја добијат сите кои ја заслужуваат.
„Иако Законот не ја обврзува Владата, мора да се каже дека приговорите се обработени во рекорден рок, а стануваше збор за околу 78 000. На сите што поднеле приговор, ќе им се одговори на електронската адреса која ја навеле при поднесувањето на приговорот. Се ажурираат и листите на веб страницата ’kupuvamdomasno.gov.mk‘, каде ќе можат да ги проверат истите податоци“,
најави Арсовски.
За оние со блокирани сметки, потенцира тој, банките кои имаат техничка можност им отвориле подсметки на граѓаните за да се исплати помошта, а посочи и оти Владата очекува толеранција од банките наредните денови додека не се изврши целосно исплатата на помошта.
Според Арсовски, заклучно со петокот, кај најголем дел од случаите проблемот е решен. Но, има случаи за кои не може да има решение, на пример луѓе кои добиле ваква помош, а живеат во странство невозможно е да ги ажурираат своите податоци.
