Премиерот Зоран Заев, во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, доби невообичено прашање за политичар во земјава – дали некогаш пушел џоинт (марихуана свиткана во цигара). Прашањето дојде во делот од интервјуто во кој се разговараше за размислувањата на Владата да ја декриминализира употребата на марихуаната, па дури и да ја легализира.
Во продолжение е разговорот меѓу домаќинот на интервјуто, Гоце Михајлоски и премиерот Зоран Заев.

– Сте пробале некогаш џоинт, сте пушеле?
Не, не сум…
-Знам дека сте страстен пушач на цигари ама не знам дали…
Не, не сум пробал. Но, тоа не значи дека не треба да поддржам нешто коешто јас не го користам. Јас сум „стрејт“ а поддржувам ЛГБТ. Јас не сум од сиромашно семејство, а поддржувам сиромашните да станат средна класа и да бидат побогати. Секако, сето тоа кое во животот сум го правел, на пример, важам, како Македонец, како еден од поголемите поддржувачи на правата на Албанците и помалку бројните заедници, а сум Македонец. Така што, апсолутно се залагам за вредности коишто мислам дека се добри.
Зборувајќи на темата, Заев објасни дека владата всушност размислува за две посебни работи, декриминализација и легализација.
„Декриминализација значи да се даде правото на граѓаните коишто консумираат марихуана за лични потреби, тие 0,5 грама, да не бидат казнувани затоа што е тоа нивно право и самиот закон за декриминализација значи да остане трговијата со дрога да биде казнувана, а за сопствени потреби да не бидат казнувани луѓето… Вториот дел е легализацијата, која значи комплетно дозволување за употреба во нашата земја. Постојат повеќе, неколку нивоа. Рековме за тоа ќе отвориме дебата. Таа дебата е гледате отворена“,
изјави Заев во гостувањето на Канал 5.
