Британските компании го задржуваат пристапот до огромниот единствен европски пазар од 450 милиони потрошувачи, а европски компании до 66-те милиони Британци
На една недела пред истекот на транзицискиот период на „брегзит“, Европска Унија и Велика Британија вчера постигнаа трговски договор по неколкумесечни несогласувања околу правата за риболов и идните бизнис-правила, кои ја поставува рамката за идните односи меѓу двете страни од 1 јануари.
Кои се главните точки?
Договорот гарантира трговија без царина или квоти за „сите добра што се во согласност со релевантните правила за потекло“. Франс прес наведува дека досега тоа не било случај во трговските договори.
Британските компании на тој начин го задржуваат пристапот до огромниот единствен европски пазар од 450 милиони потрошувачи, а европски компании до 66-те милиони Британци.
Договорот овозможува да се избегнат прекини во производствените синџири, што би било многу проблематично за секторите како што е автомобилската индустрија.
Велика Британија и ЕУ ветија дека ќе ги почитуваат условите за ферплеј „со одржување високо ниво на заштита во областите како што се животната средина, борба против климатските промени, како и социјалните и работничките права, фискалната транспарентност и државната помош“.
Доколку Велика Британија или ЕУ не се придржуваат до договорот, ќе се активира механизам за решавање спорови, како што постои во повеќето трговски договори, односно ќе може да се преземат „корективни мерки“, како што се царински давачки.
Поради жестокото противење на Лондон, Судот на правдата на Европската Унија нема да се меша во тоа.
За правилна примена и толкување на договорот ќе биде задолжен „заедничкиот совет“.

Договорот предвидува европските рибари да добијат пристап до британските води во преоден рок од пет и пол години, односно до јуни 2026 година.
За време на тој преоден рок, ЕУ ќе мора постепено да се откаже од 25 проценти од својот улов, кој чини 650 милиони евра годишно.
Договорот гарантира воздушни, патни, железнички и поморски врски, но на помалку поволен начин отколку ако Велика Британија остане членка на единствениот пазар.
Ќе се воведат мерки за да се осигури дека конкуренцијата на превозници е под еднакви услови „за да не бидат загрозени правата на патниците и работниците и безбедноста во сообраќајот“.

Велика Британија ќе продолжи да учествува во некои програми на ЕУ во периодот 2021-2027 година, како што е програмата за истражување и иновации „Хоризонт Европа“, под услов да придонесува за буџетот на ЕУ.
Договорот „воспоставува нова рамка“ за полициска и судска соработка, „особено за борбата против прекуграничниот криминал и тероризам“.
Соработката во областа на надворешната политика, надворешната безбедност и одбраната не е опфатена со договорот, бидејќи Велика Британија не сакаше да преговара за тоа.
Амбасадорите на земјите од Европската Унија денеска во Брисел ќе разговараат за трговскиот договор.
