Во Албанија од вечерва полицискиот час наместо од 22 часот ќе започнува час и половина порано, односно во 20:30 часот и ќе трае до 6 часот наутро.
Оваа мерка ќе биде во сила до 4 јануари.
„Бидејќи влеговме во период на одмори, врз основа на проценка на ризик што ја носат собирите и зголемувањето на контактите, по анализа на состојбата, ја донесовме оваа одлука. Од ова се изземаат службите за итни потреби, испораки и медиумите. Од 5 јануари полицискиот час се враќа од 22 до 6 часот“,
објави Комитетот за справување со пандемијата.
На одлуката за зголемување на полицискиот час на верскиот празник Бадник реагираше Албанската католичка црква оценувајќи ја за избрзана и дискриминаторска.
Врз основа на одлука на Комитетот, денеска започна и продолжениот празничен одмор за 430 000 ученици од основното и средното образование, кои наставата ќе ја продолжат на 11 јануари, наместо како вообичаено на четврти јануари.
Во Албанија учебната 2020/2021 година почна на 15 септември со физичко присуство на учениците, но поради влошената епидемиолошка состојба од први декември таа се одвива комбинирано – онлајн и со физичко присуство на учениците.
