Министерот Спасовски нагласи дека ова е набавка што се прави првпат по повеќе од 20 години и дека со тоа се зајакнуваат капацитетите за заштита на границите
Пет пловни објекти за македонската полиција беа промовирани денеска во Охрид, каде што министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека со тоа се зајакнуваат капацитетите за заштита на границите, особено на Охридското Езеро.
Спасовски нагласи дека ова е набавка што се прави првпат по повеќе од 20 години. Тој објасни дека два пловни објекта со цврсто корито се набавени со средства од буџетот на МВР со вредност од 8 055 511 денари. Согласно склучениот договор за донација со Министерство за внатрешни работи на Чешка, пак, се набавени два пловни објекти со цврсто корито и еден гумен патролен чамец, со вредност од 8 144 074 денари.
Пловните објекти, како што рече Спасовски, се опремени со професионални уреди за навигација ГПС, радар и затворена кабина за екипажот, а патролниот чамец е погоден за брзи интервенции во разни инцидентни ситуации и контроли на водениот сообраќај, особено во летниот период, во сите три езера, со што значително се зајакнуваат капацитетите за заштита на границите.
Поголемите пловни објекти се со јачина од 200 коњски сили, а помалите со мотор од 160 коњски сили. Ова, рече Спасовски, ќе овозможи висока ефикасност на припадниците на граничната полиција во секакви временски услови, како во делот на граничниот
надзор и спречување на секаков вид прекуграничен криминал во Охридското и во Преспанското Езеро, така и во услови кога е потребно да се пружи помош и спасување во водите на езерата од најразлични причини.
