Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека од средината на јануари ќе се оди на помасовни вакцинации
Србија е прва земја во регионот во која е пристигната вакцината на „Фајзер“
Премиерката Ана Брнабиќ во Институтот „Торлак“ во Белград прими вакцина против ковид-19, со што и официјално во Србија започна вакцинацијата против коронавирусот. Вакцината потоа ја примија министерката за труд, вработување, социјални работи и ветерани, Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ и епидемиологот Предраг Кон.

Покрај нив, денеска ќе бидат вакцинирани и првите граѓани, штитеници на домовите за стари лица во Белград и Нови Сад, а од утре и во Ниш.


Освен штитениците во домовите за стари лица, ќе се вакцинираат и здравствените работници.
Во вторникот 4 875 дози на вакцината „Фајзер“ пристигнаа во Србија, а уште 20 000 дози ќе пристигнат на почетокот на јануари, со што Србија е прва земја во регионот во која е пристигната вакцината на „Фајзер“, со кој е потпишан договор за 1,8 милиони дози, кои ќе пристигнуваат квартално.
Србија наскоро очекува да даде дозвола за употребата и на руската вакцина „спутник“, како и на кинеската вакцина.
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека од средината на јануари ќе се оди на помасовни вакцинации.
„Кога го кажувам тоа, мислам на стотици илјади, можеби дури и на милион луѓе кои ќе бидат вакцинирани до крајот на јануари, тоа е страшен успех“,
изјави Вучиќ.