Поради зголемениот број заразени, Швајцарија, во неколку провинции, започна вакцинација на населението, четири дена пред закажаниот почеток на имунизацијата во Европската унија
Франција, Белгија, Холандија и Чешка денеска ги отворија границите со Велика Британија за да овозможи враќање на своите граѓани. Во меѓувреме, тргнаа и првите пратки на вакцината на „Фајзер“ од Белгија во земјите на ЕУ, а Швајцарија го започна вакцинирањето неколку дена порано од предвидениот рок.
Вака накусо изгледа сликата за Европа денеска, откако појавата на мутацијата на коронавирусот што се појави во Британија, одново создаде загриженост на стариот континент.

Париз и Лондон доцна вчера се согласија дека возачите на камиони негативни на ковид-19 можат да се качат на траекти кон Кале, откако многу земји ги затворија своите граници за Британците и за сите оние кои патуваат од Британија поради страв од мутираниот вирус на ковид.
Пристаништето Довер, кое во изминатите 48 часа наликуваше на огромен паринг на камиони се отвори во текот на изминатата ноќ, а од изутринава започна да сообраќа и возот „Еуростар“ од Лондон.

Вкупно педесет земји го суспендираа или ограничија пристигнувањето на патници од Британија по откривањето на новиот вид коронавирус на британска територија. Последена во редот земји е Боливија, која од петок ќе забрани влез на сите патници од Европа, се до 8 јануари.
Шведска ја продолжи забраната за летови
Но, шведските власти одлучија да ја продолжат забраната за летови од Велика Британија до крајот на годината, пишува весникот „Афтонбладет“, цитирајќи ја авиокомпанијата САС. Од почетокот на пандемијата, Шведска избра лабава стратегија, без забрани, но властите подоцна ја признаа грешката. Во средата се регистрирани 6 609 нови заразени и 112 смртни случаи, со што вкупниот број на жртви во Шведска достигна 8 279, објави Ројтерс.

Бројот на жртви по глава на жител во Шведска е неколку пати поголем отколку во соседните нордиски земји, но е помал отколку во некои европски земји кои избраа стратегија за целосно затворање.
Вакцинација во Швајцарија
Швајцарија, во неколку провинции, започна вакцинација на населението, четири дена пред закажаниот почеток на имунизацијата во Европската унија. Првата личност во Швајцарија која прими вакцина против ковид-19 е 90-годишна жена во дом за стари лица во близина на Луцерн.

Бројот на лица заразени со ковид-19 во Швајцарија во еден ден достигна 5 033, со што бројот на заразени во оваа земја и соседното кнежевство Лихтенштајн достигна 423 299, од почетокот на пандемијата, а бројот на смртни случаи е 6 431.
Првите пратки за ЕУ ја напуштија белгиската фабрика
Позитивната вест доаѓа од Белгија, каде утрово од фабриката во Пурс излегоа првите пратки на вакцина на „Фајзер“ и „Бионтек“ наменети за земјите од ЕУ, откако европските власти дадоа одобрение за користење на оваа вакцина во понеделникот, објави агенцијата Франс прес.

Три камиони – ладилници го напуштија кругот на фабриката на големата американска фармацевтска компанија „Фајзер“ на североисток од Белгија, помеѓу 9 и 10 часот.
