Министерот за здравство објави илустрација со бројките на новодијагностицирани случаи на ковид-19 во првата и во третата седмица од овој месец
Почитувањето на мерките дава резултати, да останеме одговорни и за време на празниците, порача министерот за здравство Венко Филипче на фејсбук.
Тој објави илустрација со бројките на новодијагностицирани случаи на ковид-19 во првата и во третата седмица од овој месец. Разликата е 1 878 случаи помалку.
Филипче, исто така, уште еднаш повика на одговорно однесеување на граѓаните за време на претстојните новогодишни и божикни празници.
Еден начин на кој бројот на новозаразени може да падне е со помал број тестови. Но, анализата на „360 степени“ покажа дека тоа не е случај во земјава. Во изминатите недели, со одредени осцилации, се забележува дека се намалува процентот на позитивни од вкупно направени тестови.
За период од 14 до 20 декември 2020 година, Институт за јавно здравје има регистрирано вкупно 15 607 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 1,6 отсто во однос на минатата недела.
Според извештајот, регистрирани сe 4 585 нови позитивни случаи од 35 града во државата, што значи намалување од 16,9 отсто во однос на минатата недела.
Процентот на позитивни на ковид-19 во однос на вкупниот број тестови е под „критичните“ 30 проценти во денешниот билтен на Министерството за здравство.
Сепак бројката на починати како последица на ковид-19 и натаму е висока. Во последното деноноќие починале 26 пациенти.
