Министерот за здравство апелира да нема собирања за новогодишните празници за да не се ризикува нов посилен бран
Пред нас следува убав период на новогодишни празнувања, да празнуваме одговорно и да не ризикуваме уште еден силен бран, апелираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Презентирајќи ги податоците од Институтот за јавно здравје за состојбата со пандемијата изминатата недела и трите недели од овој месец, според кои имаме намалување од 16,9 отсто на нови случаи во изминатите 7 дена, како и намалување на процентот на починати и на позитивни од бројот на тестираните за 5 отсто, ги повика граѓаните на одговорно празнување, само во кругот на семејството без групирања.
„Имаме многу тешка година зад нас и верувам дека следната ќе биде многу подобра. Во вакви услови кога епидемијата сериозно спласнува и се стабилизира да не направиме таа да се влоши. Да се празнува одговорно во кругот на семејството, без групирање со почитување на јасно пропишаните протоколи и мерки. Апелирам во следните две-три недели да сме крајно внимателни. Има позитивни придвижувања, ќе видиме дали е ова почеток на крајот на пандемијата и затоа да не ризикуваме уште еден посилен бран“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Според него, досегашните мерки биле добро осмислени и димензионирани и дале резултати, при што особено го истакна податокот од ИЈЗ дека се намалува бројот на хоспитализирани (од 890 во првата недела на декември, на 629 денеска), како и на бројот на барања за тестирања, и во државните и во приватните лаборатории.