Ќе продолжиме да комуницираме со Бугарија, не знам колку во услови на предизборен период политичарите можат да донесат одлуки, меѓутоа ние треба да бидеме подготвени и за сега и за после изборите, вели шефот на дипломатијата во интервју за „360 степени“
Додека ги решаваме отворените прашања со Бугарија, Европската комисија може да го продолжи објаснувачкиот скрининг и да го започне билатералниот скрининг за да ги одржи активни нашите институции, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во интервју за „360 степени“, по неговата посета на Романија, Чешка, Унгарија и Австрија во изминатите неколку дена. Османи вели дека Владата не се откажува од комуникација и барање решенија со Бугарија, но мисли дека на настаните ќе влијаат изборите кај источниот сосед кои треба да се одржат меѓу март и мај в година.
360°: Министре, штотуку се вративте од Виена каде вашиот австриски колега, министерот Шаленберг, на заедничката прес-конференција порача дека билатералните и историските прашања треба да се одвојат од ЕУ процесот. Ова не е нова порака, ваква порака стигнува во континуитет од повеќе европски престолнини, но која е ползата од неа, кога, на крајот, факт е дека оваа година Северна Македонија нема да ги почне пристапните преговори со Европската Унија?
Османи: Видете, не ни е непознато дека одлуките за проширување во Советот на ЕУ се носат со консензус, така што, ако ги немате сите во поддршка на вашиот пат, вие не можете да успеете. Меѓутоа, многу е важно да преовладува размислувањето дека вие сте на прав пат, односно дека процесот на проширување има цел европеизација на кандидатите, а не билатерализација. Дека во суштината на процесот беше да се создаде една компетиција во регионот, која ќе биде подемократска, поевропска, а не да се натпреваруваат која земја членка во регионот ќе наметне нивен наратив на кандидатите и некако повеќе е стравот и дилемата дека се прекршува патот кон кој води процесот на проширувањето, отколку успорувањето на динамиката на која, за жал, почнавме да навикнуваме.
360°: Ветото од Чешка и од Словачка за општите заклучоци на Европската Унија за проширувањето коинцидираше со вашата посета на Прага. Што значи за ЕУ, токму во периодот на едно амбициозно претседателство како германското, тоа што не само што не успеа да стигне до одлука за почеток на преговори со Северна Македонија, туку и ја заврши годината без заклучоци за проширувањето?
Османи: Мислам дека можеби и поради географската блискост и поради сличното минато, некои земји во непосредното соседство на Балканот најдобро ги знаат последиците доколку во процесот на проширувањето влезе историјата, историските и билатералните прашања, бидејќи тие се свесни колку регионот е оптоварен од такви прашања и какви сè последици и домино-ефект може да има во понатамошниот процес. Едноставно, констатација на сите е дека доколку ваквите прашања беа пречки за создавањето на Европската Унија, таа немаше да постои. Туку напротив, ЕУ беше создадена со цел разликите во интерпретациите и различните погледи на историјата да се стават во функција на создавањето на заедничката иднина и, пред се, Европската Унија значи заедничка иднина, а не заедничко минато.
360°: Дали сè уште се прават обиди за надминување на проблемот со Бугарија во блиска иднина, бидејќи впечатокот од изјавите и настапите на премиерот Заев е како да крева раце од процесот, барем во оваа фаза?
Османи: Мислам дека суштината на нашиот пристап не се менува, се менува календарот на нашите активности. Нашиот календар имаше краен рок – декември за отворање на преговорите. Бидејќи не успеа, сега се наметнува друг календар на кој најверојатно ќе влијае периодот на избори во Република Бугарија, така што, така треба да се наметне и нашата динамика, со тоа што ние продолжуваме, се обидуваме да го искористиме секој ден за да ги надминеме разликите. Немаме алтернатива од добри меѓусоседски односи, немаме алтернатива од патот кон ЕУ, така што ние ќе се фокусираме на две прашања: продолжување на реформите, никако ова не смее да влијае на некое успорување на реформите и нашата посветеност кон европскиот пат, и потребата од добри меѓусоседски односи кои не се само додадена вредност, туку се важно прашање во процесот на проширување. Така што, ќе продолжиме да комуницираме, не знам колку во услови на предизборен период политичарите можат да донесат одлуки, меѓутоа ние треба да бидеме подготвени и за сега и за после изборите.
360°: Ги споменавте реформите, по малку збунувачка е денешната објава на проектот „Акција 21“, којшто, од една страна може да се перцепира како алтернатива во отсуство на ЕУ-процесот, а ако не е така, зошто тогаш во десетте приоритети што се набројани отсуствува решавањето на проблемот со Бугарија или почетокот на пристапните преговори со Европската Унија?
Османи: Видете, ние мора да наметнеме динамика на реформите и во отсуство на преговарачкиот процес. Од друга страна, ние тоа го правиме веќе петнаесет години. Во отсуство на преговарачки процес, ние сме стигнале во ситуација да бидеме први во регионот во однос на исполнување на политичките и економските критериуми. Една третина од европското “аки” веќе ни е транспонирано во нашето законодавство уште пред да почнат преговорите. Токму поради тоа што сме наметнале една симулација на преговори, ако можам да кажам за да ја држиме „тензијата“ во институциите. И тоа е многу важно. Така што, сите овие иницијативи се важни, но и Европската комисија мора да одговори, дали е тоа продолжување на експланаторниот скрининг, започнување на билатералниот скрининг и во овој период во отсуство на усвоена Преговарачка рамка, ќе мора и Европската комисија да одговори на потребата од одржувањето на тонусот, но, се разбира, и во комуникацијата со пријателите во билатералните односи, исто така и тие да придонесат. Меѓутоа, билатералните прашања, решавањето на спорот со Бугарија, е наш ангажман кој произлегува од Договорот за добрососедство, а не од европскиот процес и токму тоа е намерата, да се одвојат овие два процеса. Се разбира дека се на некој начин меѓузависни, бидејќи во самата предлог преговарачка рамка стои дека прогресот ќе се оценува врз основа на опипливи резултати во имплементација на Договорот, но, сепак, е тоа билатерален договор и билатерални односи на коишто ние сме посветени и сум убеден дека ќе најдеме решение.
360°: А на кој начин Европската комисија може да го одржи, како што рековте, тонусот?
Османи: Може да го одржи, како што реков, преку продолжување прво на остатокот од експланаторниот скрининг, меѓутоа и преку започнување на билатерален скрининг. Тоа се обидувам да го разговарам и со земјите членки и со Европската комисија во овој период, бидејќи сметам дека така ќе се држат институциите активни. Тоа се периоди во рамки на преговарачкиот процес, меѓутоа, не се регулираат во преговарачката рамка за да се зависни од неа и би можеле овој период да го компензираме и со дел од преговарачкиот процес, а сепак додека разговараме со Бугарија да изнајдеме решение.