„Правда за Гоце“ е мотото на група моторџии на социјалната мрежа Фејсбук под кое тие се организираат за протест низ скопските улици. Во дополнителното објаснување за настанот, кој е закажан за 12 часот в сабота (19.12.2020 г.), се вели дека ќе протестираат против неказнивоста на сторителите на тешки дела во сообраќајот.
Директен повод за протестот е условната казна за виновникот за сообраќајката кај „Млечен“ кој, управувајќи џип, недозволено поминал преку двојна полна линија на коловозот и удрил во млад брачен пар кој се превезувал на мотор, при што 32-годишниот Гоце Димитриевски почина на самото место, а неговата бремена сопруга Наташа го загуби плодот и се здоби со тешки телесни повреди кои сѐ уште ги лекува.

„Изрекување казна условен затвор, де факто слобода, во случајот како за сообраќајката кај ‘Млечен’, каде што загинаа еден човек и неговото неродено бебе, а неговата сопруга беше тешко повредена, е НЕДОЗВОЛИВА судска пракса. Судиите што носат вакви пресуди и обвинителите за кои ваквите пресуди се прифатливи треба да знаат дека со таков тип НЕКАЗНИВОСТ директно поттикнуваат натамошно ДИВЕЕЊЕ во сообраќајот, што доведува до нови жртви кај невини луѓе кои се придржуваат на правилата и прописите. Затоа овој мотопротест е и ОПОМЕНА до судовите и обвинителствата и треба да им биде повод да СЕ ПРЕИСПИТААТ зошто се носат судско-обинителски одлуки што доведуваат до НЕКАЗНИВОСТ“,
се вели во дел од повикот за протестот.
Според објавата на Фејсбук, моторџиите ќе тргнат во 12 часот од паркингот кај „Веро“ – Тавталиџе. Ќе застанат на местото на сообраќајката каде што Гоце Димитриевски го загуби животот, а потоа ќе продолжат низ центарот на Скопје, прво до скопското јавно обвинителство, а потоа и до Кривичниот суд-Скопје.
Случајот „Млечен“ во моментов е на одлучување пред Апелациониот суд-Скопје, кој треба да одлучи по жалбата на обвинителството. Преживеаната жртва, Наташа Димитриевска, во меѓувреме иницираше постапки и против надлежната првостепена судијка и против обвинителката која го водеше случајот. Судскиот совет сѐ уште ја разгледува претставката против судијката, а во понеделникот Советот на јавни обвинители ја „ослободи“ колешката од каква било одговорност.
Истражувањето што го направи „360 степени“ на десетина судски пресуди по случаен избор покажа дека пресудата кај „Млечен “ не е исклучок. Напротив, кога виновник за сообраќајна незгода со смртни последици ќе признае вина, вообичаените казни се условна или казна затвор до една година.
