Постигнувањата во рамки на проектот ИПА 2, како и следните чекори за кои е неопходна институционална поддршка, но, како што се наведува, и поширок општествен консензус ги презентирале Слаѓана Тасева, водач на тим на проектот, Александар Антоновски, клучен експерт и Искра Аќимовска Малетиќ, постар експерт
Клучните постигнувања на проектот ИПА 2 „Поддршка на државната реорганизација“, финансиран од Европската Унија, биле презентирани на осмата седница на Советот за реформа на јавната администрација (Совет за РЈА), со кој претседава премиерот Зоран Заев. На седницата, покрај членовите на Советот, присуствувале и другите министри, соопштија од Владата.
Според Заев, реорганизацијата на државните органи е една од клучните реформи за подобрување на јавната администрација и еден од стратегиските приоритети, нагласен и во програмата на Владата.
„Оваа операција е нешто што историски првпат се прави во нашата држава. Поставувањето јасни линии на отчетност, спојувањето на институции со исти надлежности и намалувањето на нивниот бројот на институции ќе придонесе кон зголемување на професионалноста и ефикасноста на јавната администрација“,
посочил премиерот.
Целта на овој проект, како што велат од Владата, е да се оптимизира целокупната институционална рамка, да се зајакне испораката на јавните услуги и да ги унапреди етиката, интегритетот, транспарентноста и отчетноста на јавната администрација.
Постигнувањата во рамки на проектот, како и следните чекори за кои е неопходна институционална поддршка, но, како што се наведува, и поширок општествен консензус ги презентираа Слаѓана Тасева, водач на тим на проектот, Александар Антоновси, клучен експерт и проф. д-р. Искра Аќимовска Малетиќ, постар експерт.
Експертите истакнале дека глобална цел е институционална реорганизација и оптимизација усогласена со заложбите во рамки на буџетските реформи и намалување на бројот на буџетски корисници.
На состанокот, експертите ја презентирале потребата од измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и првичните согледувања за идната државна организација, базирани на досега остварената соработка со институциите.
Премиерот Заев ги задолжил министерствата да ја унапредат внатрешната комуникација со органите во состав, а посебно со агенциите и инспекторатите од областите во нивна надлежност. Исто така, ги задолжил да ја продолжат воспоставената комуникација и да овозможат отворена и засилена соработка со ИПА-проектот „Поддршка на државната реорганизација“, во функција на навремено развивање на предлог за реорганизација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво.
Дополнително, на состанокот се обрати и Фрек Јанмат, од Делегацијата на Европската Унија. Тој ги потврдил заложбите за успешна реализација на овој проект и ја потенцираше важноста од посветеноста не само на Владата, туку и на Собранието во овој значаен процес од реформата на јавната администрација.
Присутните министри едногласно се согласиле дека е неопходна нивна активна вклученост, ги поздравиле досега реализираните активности и дале предлози за следните планирани чекори.
На седницата на Советот на РЈА, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири го презентирал нацртот на Вториот годишен извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018 – 2022 со Акциски план за 2019 година. Советот го усвоил извештајот и истиот ќе биде објавен на веб-страницата на МИОА.
До крајот на следната недела треба да се одржи продолжение на седницата, на која ќе се донесат заклучоци за следните чекори.
