Епидемиолозите проценуваат дека ситуацијата и натаму е тешка и најавуваат дека се можни нови рестрикции за време на празниците
Во „Службен весник“ на Србија е објавен Указот на Владата од 15 декември, каде што меѓу новите мерки за спречување на ширење на коронавирус е воведена мерката за задолжително носење маски и за децата постари од 4 години, нешто што не беше потенцирано во вчерашното владино соопштение.
„Родителите на малолетни деца, деца со попреченост или нивен старател, се должни да обезбедат децата постари од четири години да носат заштитна маска на јавни места во затворени простории, како и на отворено каде што не е можно одржување растојание од најмалку два метра, а носењето маска за деца е задолжително во патниот и железничкиот сообраќај“,
се наведува во членот шест од Уредбата.
Според официјалните податоци, во последните 24 часа во Србија починале 49 лица од последици од коронавирусот, со што вкупниот број на жртви од почетокот на пандемијата досега е 2 482.
Од последниот пресек на ситуацијата во Србија, регистрирани се 5 353 случаи на новозаразени од спроведени 18 484 теста. Вкупно хоспитализирани се 9 443 лица, од кои 333 се на респиратор.
Од почетокот на епидемијата, во Србија официјално се потврдени 282 601 заразен.
Епидемиолозите во Србија проценуваат дека ситуацијата и натаму е тешка и најавуваат дека се можни нови рестрикции за време на празниците.
