Ги поддржувавме сите здравствени мерки кои придонесуваат за намалување на последиците од пандемијата и активно го промовиравме почитувањето на протоколите за работа, но сега единствен ефект од новите решенија ќе биде драматично влошување на состојбата на угостителскиот сектор, реагираат од Туристичко-угостителската комора.
Тие велат дека новите рестриктивни мерки што Владата денеска си усвои на седница се селективни и се доведува во прашање ефектот што треба да се постигне.
„Повеќе пати досега беше изнесено барање Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство да презентираат епидемиолошки анализи кои ќе покажат дека угостителството е поголема причина за ширење на заразата, отколку некои други сектори како меѓуградски и градски транспорт, работа на шалтери, работа во големи работни колективи, партиски активности. Досега не се презентирани такви податоци, поради што мора да заклучиме дека угостителството е избрано за рестрикции како пример за пред јавноста, поради немањето желба или можност власта да се справи со други жаришта. Највидлив пример за несоодветното однесување на надлежните институции е нереагирањето на прославите кои беа организирани во партиски штабови надвор од сите протоколи, без дистанца и со блех музика“,
велат од Туристичко-угостителската комора.
Според нив, мерките не се прецизни и не е јасно на кои угостителски објекти се однесува.
„Да потсетиме дека кога претходно имаше рестрикции Државниот пазарен инспекторат толкуваше дека тие ги вклучуваат и хотелите. Исто така, саканиот ефект, сузбивање на епидемијата, нема да се постигне и доколку угостителските објекти работат ограничено додека другите сектори функционираат редовно. Во такви улови луѓето само ќе се префрлат од угостителските во другите објекти кои работат. Исто така нејасно е и каков ефект ќе даде ограничување на работењето на угостителските објекти во земјава, ако не се забрани патување во странство. Неопходно е воведувањето на дополнителни рестриктивни мерки да биде паралелно проследено со обезбедување на соодветни економски мерки за поддршка на секторот“,
додаваат од Туристичко-угостителската комора.