Комисијата за заразни болести препорача од 18 овој месец до 21 јануари угостителските објекти да се затвораат во 18 часот и да нема групирања дома и на отворено
Премиерот Заев вчера индиректно најави дека тие најверојатно ќе бидат прифатени
Владата денеска на седница ќе го разгледа новиот пакет рестриктивни мерки на Комисијата за заразни болести и на Главниот штаб и ќе се изјасни, најави вчера премиерот Зоран Заев во врска со вчерашните предлози на експертите кои се однесуваат на периодот од 18 декември до 21 јануари, за да се избегне зголемување на бројот на заболени од ковид-19 во претстојниот период на празници.
„Генерално, Владата ги поддржува, поради институциите, поради важноста на здравствената комисија, поради нивната стручност и големата доверба што ја имаме“,
рече Заев.
Заев предложи и претставници на опозицијата, како што е доктор Вело Марковски, да дадат предлози, а Владата ќе ги разгледа.
„Оваа Комисија не е ниту од СДСМ, ниту од ДУИ, ниту од не знам која друга политичка партија, туку тоа е државна здравствена комисија на која ѝ веруваме, ја охрабруваме да носи предлози, да дава сугестии до Главниот штаб и до Владата. Утре ќе излеземе јавно со министерот за здравство и неговиот тим од Министерството и ако треба и други луѓе да ги соопштиме мерките“,
рече Заев одговарајќи на новинарски прашања по отчетот за сработеното на Владата во првите 100 дена.
Тој потсети дека доаѓа време на празници е многу логично навремено да се разгледуваат вакви аспекти.
Комисијата за заразни болести вчера препорача угостителските објекти да се затвораат во 18 часот и да нема групирања дома и на отворено.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера во изјава за повеќе медиуми рече дека воведувањето полициски час за време на празниците не е опција засега, иако не ја исклучи и оваа можност доколку се влоши состојбата.