На три часа пред дочекот на Новата година, Турција ќе влезе во целосен „локдаун“ кој ќе трае до утрото на 4 јануари.
Одлуката ја соопшти турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган по состанокот во неговиот кабинет. Тој нагласи дека ќе има наредба за останување дома која ќе стапи на сила на 31 декември во 21 часот.
Ердоган се обрати откако официјалните податоци покажаа дека во Турција дневно се регистрирани рекордни 229 починати како последица на ковид-19.
Според информациите на турските власти, во последните 24 часа се потврдени нови 29 617 случаи на заразени со коронавирус.
Вкупно досега во Турција се заразени над 1,8 милиони луѓе, додека бројот на смртни случаи изнесува 16 646.
Во пресрет на новогодишните празници повеќе земји решија да ги заострат рестрикциите. Меѓу последните кои донесоа построги мерки се и Холандија и Германија. Холандската влада одлучи училиштата, продавниците што не продаваат витални производи, музеите, спортските сали, театрите, фризерските салони од вечерва на полноќ да се затворат на најмалку пет недели односно до 19 јануари.
Од среда, пак, ќе се затвори живот во Германија. Сите продавници ќе бидат затворени, освен продавниците за дневни потреби за живеење (класични продавници за самопослужување), како и аптеките. Фризерски салони и други активности за услуги кои бараат близок контакт ќе бидат затворени. Исто така и училиштата и градинките, а наставата ќе биде само онлајн.
